Во ноември лани ќе ја рушеше Владата со 61, денеска 68 гласаа за ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ. Што се смени во меѓувреме кај Мицковски?

Не толку одамна Мицковски триумфално обзнани дека има 61 потпис за рушење на Владата. И лиферуваше слика со „коалицијата“ од Собранието. Тоа беше пред само 7-8 месеци. А дојде како дел од наративот кој се повторува како „библија“ во последните 2 години, од првиот ден кога ги загуби парламентарните избори, за да се држи замаено членството, дека само што не „сме дошле на власт“ и дека „овие предавници паѓаат“…

Ние бргу забораваме, затоа понекогаш не е лошо да се потсетиме. На тие избори Мицковски тврдеше дека ќе победи со 10 пратеника разлика. Како и избори пред тоа, и пред тоа… 5 години наназад.

Денеска требаше да кулминира тој наратив. Да се „победи“, да се урне Владата. Имаше протести, народ по улици, сите што не беа на негова страна беа прогласени за предавници. А неговите пратеници (негови да, личен избор на сервилни апаратчици) ја прогласија Урсула за ФАШИСТ. Ок. Се беше одработено да се дојде до власт. Но што стана? Денеска 68 пратеници гласаа спротивно од неговиот наратив. Нешто не штима. Некој тука не ги претставува работите како што треба.

Што се смени во меѓувреме кај Мицковски? Многу работи. Прво се демаскираа дека се за ЕУ и интеграција на државата. Се замотаа во знамиња и се прогласија дека само они имаат право да ги читаат предлозите, истите да ги толкуваат и само они се во право. Штетата што се нанесе од затегнувањето на меѓунационалните односи од ова неодговорно однесување допрва ќе треба да се анализира и да се гасне пожарот. Потем штетата од претставувањето на нашите пратеници како мајмуни и дивљаци пред цивилизираниот свет, додатно ќе треба да се анализира и поправа.

Некои пратеници делуваа како да се излезени од пештера. А истите никаде ги немаше во јануари 2019 кога се смени името и Уставот, кога се избришаа принципите на АСНОМ од преамбулата. Но, денеска се „олицетворение“ на патриотизам. Во наводници патриотизам се разбира.

Иако триумфално се однесува во поразот Мицковски е на пат да ја изолира неговата партија и да ја остави во чекална за власт уште долго време. Како ќе му успее тоа кога се знае дека има голема листа на клиенти што чекаат фотељи – не знаеме.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.