Герапетритис: Граѓаните на Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција

По низата предупредувачки пораки од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис до новата влада во Македонија да се почитува на договорот од Преспа, сега со своја порака се јави и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој во денешното интервју во Реал Њуз вели дека неопходно е доследно и целосно почитување на Договорот од Преспа.

Според него, доколку не се почитува договорот односите меѓу Грција и Македонија ќе бидат во опасност.

– Граѓаните на „Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата.“ – вели Јоргос Герапетритис – министер за надворешни работи на Грција.

Во однос на тоа што Грција, трите меморандуми сè уште не ги ратификува во грчкиот парламент, Герапетритис кажа дека ќе ги донесат во соодветниот политички момент и повтори дека ратификацијата зависи од доследното и целосното спроведување на Договорот од Преспа, бидејќи, како што нагласи, освен прашањето за уставното име, постојат и други суштински нерешени прашања.

– Реалноста е дека сакаме да ги донесеме меморандумите за ратификација, бидејќи и ние во принцип се согласуваме со европскиот пат на Македонија. Меѓутоа, ова не може да се случи доколку не постои целосно и опипливо усогласување со Договорот од Преспа. Да не заборавиме дека имплементацијата на Договорот е јасен предуслов за интегративниот процес на Македонија. – вели Герапетритис.

Тој ја коментира и реакцијата на Атина по инагурацијата на македонската претседателка Силјановска Дафкова за која вели дека била брза и ефикасна, бидејки политичкото раководство во Македонија веќе било под внатрешен притисок.

– Политичкото раководство на Македонија веќе е и под внатрешен притисок. Министерството за надворешни работи на земјата излезе со соопштение дека треба да има целосно почитување на договорот од Преспа и уставното име на државата, а Министерството за правда, инаугурацијата ја карактеризираше како неважечка. Се подразбира дека на сите меѓународни форуми ги покренуваме прашањата за почитување на Договорот од Преспа и бараме негово доследно спроведување. – вели Герапетритис.

Од друга страна пак, лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му порача дека доколку договорот од Преспа го сметаат како предавнички, ова им шанса да го поништат, но нема да го сторат тоа, бидејќи Договорот е она што го посакувавале како партија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.