Десет приказни за времето, луѓето и прекинатите врски

Уличниот фестивал “Статуафест – Прекинати врски/Broken relationship”, овие три дена ја размрда едноличноста на градот и го направи центарот на Скопје малку поинакво, поубаво и посреќно место. Фестивалот по осми пат ги донесе артистите кои долж улица Македонија секое попладне раскажуваат десет различни приказни за времето, луѓето и прекинати врски.

Со овој фестивал што се развива постепено од 2017 година па до денес, Скопје полека станува дел од светската културна мапа на овој вид на улична уметности.

-Се надевам дека Скопје на културната мапа го ставаме со сите суперлативи. Задоволен сум од причина што фестивалот, пред се, секоја година е различен, односно разработува нова тема и си поставува за цел темата да му биде инспирација за создавање на актови кои самите ги продуцираме. И засега, можам да кажам дека сме на добар пат. Секоја година сме се покреативни и поиновативни –вели Војо Цветaновски, организатор на фестивалот за „Трн“.

Уметноста е револуција, а уметноста на улица е и повеќе од тоа, ќе каже Војо.

„Ние нашата уметност ја изнесовме на улица едоставно да влијаеме одблизу. На сите. Сите да можат да ја видат. Искрен да бидам, додека ја создавам уметноста на улица прекрасно се чувтсвувам во сопствената наивна форма на размуслување. Во една прилика кога размислував за создавањето и што е она што треба да го создадам, прво што ми падна на памет е дека во истото, што и да е тоа, треба наивно и слепо да верувам. Оттука и се повикувам на слоганот во кој и до ден денешен наивно верувам- Верувај- Наивно. Создавај- Греши“ вели Војо.

Од година во година, се повеќе домашни артисти учествуваат на „Стауафест“ и се повеќе млади луѓе сакаат „театар и игра под отворно небо“.

-Кога го пишував проектот Статуафест, уште многу пред 2017 година, целта ми беше на фестивалот доминантмиот број на артисти да бидат домашни. Од оваа перспектива гледано, во односно 2024 година, можам да кажам дека таа мисија е успешна. Денес на Статуафест настапуваат 100% домашни артисти – улични живи статуи, што подразбира дека младите во Скопје, па и Македонија и тоа како сакаат да играат театар под отворено небо – вели Војо за „Трн“.

Темата на годинешниот фестивал е „Прекинати врски/Broken relationship“

Орагнизаторот за ова ќе напише:

„Некои врски прекинуваат, ете така, сами од себе, молчешкум. Едноставно и просто – заминуваат. Всушност ние, луѓето ги прекинуваме, верувајќи во подобро за нас, кое, потоа и го бараме. И го наоѓаме. И тоа, подоброто го прекинуваме – за уште подобро од него. За најдоборото. И најдоброто го наоѓаме.

По време минато крај најдоброто и во него се сомневаме, верувајќи дека и од него постои нешто уште подобро, нешто совршено. И тоа совршеното го наоѓаме. И него го прекинуваме. И така, низ животот ги прекинуваме врските и постојано се впуштаме во потрага по нови, подобри и од самото совршенство, а всушност се’ во што посотојано се наоѓаме е прекин кој има за цел, потрага.

Еден ден со сигурност ќе ја најдеме нашата совршена чистина, мир и спокој, кој знае каде и кој знае кога, а дотогаш ќе останеме во врска со себе, тагувајќи, радувајќи се, сожалувајќи се…“

На прашањето зошто токму „прекинати врски“ како тема, Војо накратко ни вели:

„Бидејќи животот е прекината врска.“

Проектот е поддржан од Министерството за култура. Спонзори: Винарска визба Тиквеш, АМСМ, Општина Центар, Секјурисат обезбедување, Пасворд продукција и Факултетот за драмски уметности Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи: