Во првата година реализиравме 90% од зацртаните проекти


Градоначалникот на Општина Центар – Горан Герасимовски, на вчерашната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ зборуваше за, како што истакна, сериозната посветеност и ефикасното работење што донесе реализација на 90% од зацртаните проекти во првата година од мандатот.

„Ако сакаме граѓаните да ни веруваат, тогаш мораме да го испорачаме ветеното и за тоа не смее да има оправдувања. Потребна е напорна работа и професионализација, а со тоа ќе расте и ефикасноста. Силно верувам дека уште пред крајот на мандатот ќе ги реализираме сите ветувања од изборите“, изјави Герасимовски.

Герасимовски зборуваше и за дел од проектите кои тој и новото општинско раководство ги реализирале во изминатите 12 месеци. Реконструкција на 15 улици во цела Општина Центар, подобрување на хигиената преку засилени акции за чистење, меѓу кои и отстранување на депонијата во Крњево и по цели 10 години и двата канали кај шеста управа, наведе градоначалникот.

Тој потсети и на зеленилото, напоменувајќи дека во изминатиот период засадени биле над 1.000 садници и дополнително се очекува набавка на дополнителни 2.000 дрвја. Сите овие стебла ќе бидат распределени во сите населби за обновување на парковите или оформување нови зелени катчиња.

Герасимовски зборуваше и за неговото предизборно ветување – хуманото градење во општината.

„Уште во предизборниот период се заложив и ветив хуман урбанизам и денеска заедно со мојот тим го остваруваме тоа. Сопревме градежни активности на 8 парцели на Водно. Не дозволивме сеча на ниту едно стебло, на ниту една гранка зеленило. Тоа ќе остане така додека сум јас градоначалник. Никој нема да гради надвор од законските прописи. Затоа и затворивме градилиште на улица ‘Христо Чернопеев’ исто така на Водно и отстранивме дивоградба на улица ‘Самоилова’ на Кале. Законите мора да се почитуваат и тоа граѓаните мора да го знаат“, рече Герасимовски.

Од социјалните проекти, тој ја истакна силната посветеност на проектите за повозрасните граѓани, како последната мерка – еднократната финансиска поддршка во висина од 3.300.000 денари за пензионерите со просечна пензија до 17.518 денари, но и проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ и исполнувањето на предизборното ветување – отворањето на трите пензионерски клуба во трговскиот центар Беверли Хилс во Капиштец, во Крњево и близу Универзална сала во Буњаковец. Герасимовски не ги изостави ниту проектите во училиштата и градинките, меѓу кои и изградбата на новата градинка „Пролет“ и прва градинка во населбата Пролет.

Но, она на кое општината е најсилно фокусирана во овој период е основање на сопствено претпријатие за производство и продажба на струја, истакна Герасимовски.

„Станува збор за сопствено, општинско претпријатие за производство и продажба на струја. Со оваа инвестиција на долг рок општината ќе заштеди средства и истите тие средства ќе се преточат во проекти за подобрување на животот на граѓаните“, порача тој.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: