Град Скопје: Честитка по повод 11-Октомври

Делегација од Град Скопје, предводена од Заменик Градоначалникот Александар Трајановски и Секретарот Зоран Глигоров, во чест на одбележувањето на државниот празник Денот на народното востание – 11-ти Октомври, денеска положија цвеќе пред Споменикот Ослободители на Скопје на платото пред Владата на РМ. 11 Октомври, Денот на народното востание, ден кој е симбол на големата победа базирана на вредностите на слободата и човечкото достоинство.

Сенародна борба против фашистичкиот окупатор е пример за пркос и желбата да се опстои на вредностите во кои искрено се верува.

На овој ден , како и многупати претходно, ја потврдивме и означивме својата повеќевековна борба за самобитноста и самостојноста на  Македонија. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со чест и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слободна и самостојна Македонија, и продолжуваме со нашите заложби и труд за продолжување на мисијата која значи постојано создавање на нови дела и вредности.

Со оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава.

Прославувајќи го 11 Октомври, оддаваме почит кон славното дело на нашата историја, но во исто време се инспирираме за успех, истрајност и лична жртва за напредокот и развојот на современа држава. 

Нека ни е честит и вековит општонародниот празник 11 Октомври!

Нека ни е успешна и вечна Татковината!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.