Израелската армија потврди дека нападнала конвој со иранско оружје во Сирија

Израелската армија денеска потврди дека нејзините воздухопловни сили на почетокот од ноември нападнаа конвој возила со иранско оружје во близина на сириско-ирачката граница, при што загинаа 10 луѓе.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Авив Кохави денеска изјави дека израелското разузнавање открило дека еден од 25-те камиони во конвојот пренесувал оружје од Иран за Либан. Тој додаде дека пилотите извршиле „прецизен напад“.

За време на нападот, во кој загинаа десет лица, вклучително и Иранци, израелската војска одби да коментира, во согласност со нејзината политика да не ја потврдува вмешаноста во нападите во Сирија.

Израел е осомничен дека извршил стотици напади врз цели во делови на Сирија контролирани од владата во Дамаск во последните години, но израелската Влада ретко презема одговорност за таквите операции.

Израел, сепак, не крие дека напаѓа пратки со оружје и контролни пунктови на организации поврзани со Иран, како што е либанскиот Хезболах.

Според израелските медиуми не е јасно зошто Кохави, чиј мандат истекува во јануари, одлучи да признае одговорноста на израелската армија за нападот на почетокот на ноември.

Либанскиот Хезболах во ноември соопшти дека не е поврзан со нападнатиот конвој.

Иран е сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад и испрати илјадници борци да им помогнат на сириските војници во 11-годишната војна. И Техеран и Владата во Дамаск се сојузници на Хезболах, кој се бори на страната на силите на Асад.

Голем дел од сирискиот воздушен простор е контролиран од Русија, чии односи со Израел се влошија изминатите месеци поради односот на Израел кон руската војна во Украина. 


Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.