Мицoтакис: Мицкоски да користи „Северна Македонија“ и за внатрешна употреба

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис како одговор на новинарски прашања пред европските избори му порача на идниот мандатар Христијан Мицкоски дека треба да го користи уставното име „Северна Македонија“ и во внатрешна употреба како должност која произлегува од Преспанскиот договор.

– Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Тој посочи дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит, но и оцени дека сепак во Скопје ќе преовлада логиката.

Грчкиот премиер рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.

-Секако дека ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој, истакна Мицотакис на прес-конференцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.