НЕ НЀ ИНТЕРЕСИРА НИШТО ДРУГО ОСВЕН ПРИЈАТЕЛСТВО СО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, КАЖА ВУЧИЌ НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕТО НА ВАКЦИНИТЕ

Loading...

Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство кон македонскиот народ и тоа пријателство да напредува и да живееме како најблиски соседи и најдобри пријатели, на денешното примопредавање на првата пратка вакцини против ковид-19 на граничниот премин Табановце, каде што домаќин беше македонскиот премиер Зоран Заев.
„Среќен сум што успеавме ова да го направиме, можевме уште пред 10-тина дена, но имавме многу проблеми со дозволата за извоз, има неверојатно сложени процедури. Србија нема никакви интереси други освен да покажува пријателство кон македонскиот народ. Ништо друго не нè интересира, освен нашето пријателство да напредува и да живееме како најблиски соседи и најдобри пријатели. Вистински пријател е оној кој ќе ви се најде кога ви е тешко, а не кога ви е лесно“, изјави Вучиќ.
Заев рече дека првата пратка од над 4 илјади вакцини од „Фајзер“ е драгоцен чин на пријателство од братска Србија и е поддршка и прва помош додека да стигнат вакцините кои ние ги имаме нарачано.
„Оваа солидарност и поддршка е израз на традицијата во регионот, првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед. Овој чин им дава светла перспектива на односите меѓу Македонија и Србија“, кажа Заев и им се заблагодари и на македонските пратеници од српска националност Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ.
Заев најави дека деновиве ќе стигне и остатокот до 8.000 вакцини од Србија и со тие вакцини ќе бидат покриени сите медицински лица кои работат во ковид-центрите

loading...