Обраќање на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, на конференцијата „Жените во надворешната политика“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, преку видео-порака се обрати на втората меѓународна конференција „Жените на надворешната политика“, што вчера и денеска се одржува во Скопје. Домаќин на конференцијата е заменик-министерката за надворешни работи на Република Северна Македонија, Фатмире Исаки.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето.

Видео-материјал:

Обраќање – https://youtu.be/jdiGjtm20FI

Почитувана г-а Исаки,

Почитувани гости,

Ви благодарам за можноста повторно да бидам дел од овој форум на кој се дискутира една значајна тема како што е родовата еднаквост во надворешната политика.

Би сакала да се извинам што поради обврски, не сум во можност да бидам дел од денешната дискусија.

Драго ми е што оваа иницијатива што ја започнавме пред неколку години, почнува да добива свој тек и прераснува во форум на кој може да дискутираме за чекорите кои ни се потребни, за напорите што треба да ги вложиме за поголема родова еднаквост и унапредување на теренот за еднакви можности за жените и мажите во секоја сфера.

Учеството на жените во политиката и безбедноста е признаено како човеково право неопходно за глобалниот напредок.

Последните две децении беа обележани со напорите да се подобрат нормативната рамка и политиките за родова еднаквост, што доведе до подобрување на положбата на жените и до унапредување на родовата

еднаквост, но родовите нееднаквости и понатаму се изразени во сите релевантни области за постигнување еднаков социјален статус, влијание и благосостојба на жените и мажите.

Пандемијата ни ја покажа на дело нееднаквоста во која живееме. Покрај товарот од извршувањето на професионалните обврски, жените ги имаа и обврските во домот, а тоа е второто неплатено работно место што го има секоја жена.

Кризата во Украина уште еднаш ни потврди дека жените и мажите се различно засегнати од конфликт. Украинските жени се соочуваат со бариери за нивното економско, граѓанско и политичко учество, дополнително попречено од ризиците од економска кревкост, лоши здравствени услови и изложеност на насилство.

За да можеме да говориме за родова еднаквост, потребни се дополнителни чекори и мерки. За постигнување на родова еднаквост, потребно е ефективно вградување на родовите перспективи во сите општествени текови, политики и практики. Потребно ни е да имаме повеќе жени на лидерски и раководни позиции. И не само жени, потребно ни е да имаме изградено свесност и кај мажите и кај жените за инклузивен пристап во раководењето и водењето на процесите. Жените и потребите на жените мора да бидат дел од планирањето и креирањето на политиките, како и дел од носењето на одлуките и решенијата кои се носат. Ако не ги вклучиме жените, ние исклучуваме половина од светското население.

Единствен начин за постигнување вистински просперитет во општеството е преку еднаквост помеѓу мажите и жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот. Користењето на најдобрата можна комбинација на искуство, вештини и перспективи е од клучно значење за генерирање на иновативни и разновидни идеи. Не можеме да ги пропуштиме можностите што ги дава различноста. Исто така не треба да се стремиме кон различноста само заради различноста, туку да се погрижиме да ги добиеме најдобрите таленти со најшироко разбирање за да се справиме со предизвиците.

Жените се од суштинско значење за идентификување на издржани, инклузивни решенија кои можат да доведат до одржлив мир.

Сепак пречките за нивното рамноправно учество во градењето на мирот и безбедноста, се уште постојат.

Промовирањето на пристапот и можностите за жените во сите процеси на донесување одлуки поврзани со мирот, безбедноста, стабилноста, вклучително и решавање на конфликти е клучна компонента за ефикасноста и легитимноста на безбедносните сили.

Мора да ги надминеме предрасудите и претпоставките за тоа како се гради безбедноста.

Она што е важно да се нагласи е важноста на жените и нивните компетенции, не само како миротворци или поради нивните дипломатски или комуникациски вештини, туку и како влијателни во организацијата во целост. На жената не треба да се гледа само како нумерички исполнета квота, туку како компетентна да ги извршува функциите на сите нивоа, на сите позиции, во сите сфери од животот.

Носителите на одлуки на највисоки нивоа треба да се осврнат на оваа тема.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.