Повеќе лица приведени за двојното убиство на „Рузвелтова“

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски соопшти дека повеќе лица се приведени во СВР Скопје, на информативни разговори, со цел да се утврди точниот мотив и сторителите на двојното убиство кое се случи на Рузвелтова во петокот вечерта.
Во нападот едно лице е убиено кога непознати сторители од возило во движење пукале во автомобил „сеат алтеа“ во кое се наоѓал убиениот. Две лица се повредени во нападот, од кое едното подоцна им подлегна на раните.


Министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека МВР работи на случајот и оти кога ќе дојде до конкретни резултати детално ќе ги објави.
– Веднаш по настанот иако во тек беа подоготвки за референдумот се презедоа сите мерки за расчистување на случајот во СВР и од страна на надлежниот јавен обвинител извршен е увид. Обезбедени се материјални траги, кои се најдени на лице место. Извршена е обдукција на телата, се работи на вештачење на материјалот кој е подигнат, на возилото, додаде Спасовски.
На самото место на престрелката убиен беше 44-годишниот Наим Ајети, а другите двајца Ферди Елезовски (1999) и А.П. (1969) со амбулантни возила беа пренесени во Ургентниот центар во Скопје, каде на повредите им подлегна 47 годишниот А.П.
Неофицијално причина за класичната ликвидација се нерасчистени должничко-доверителски односи и меѓусебни закани меѓу довчерашни ортаци во нелегални бизниси.
Едното лице што почина во престрелката, Наим Ајети, е брат на познатиот скопскиот криминалец, Џелал Ајети – Џељо, кој беше, исто така, изрешетан во својата чајџилница во населбата Ченто пред пет години.