„Пред две недели избегнавме трета светска војна“ Сијарто: Ризикот сè уште постои!

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, смета дека ситуацијата во Украина создава опасност од директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО и трета светска војна.

– Пред две недели само благодарение на трпението и одговорноста на полските лидери избегнавме кошмар како третата светска војна – рече Сијарото потсетувајќи на падот на украинска ракета на територијата на Полска.

– За жал, тој ризик постои се додека трае војната во Украина. Затоа мораме да направиме сè за да не се случи некогаш директен конфликт меѓу Русија и НАТО – напиша министерот на социјалните мрежи.

Сијарто ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт на 29 и 30 ноември. На самитот ќе се разговара за ситуацијата во Украина, влезот на Шведска и Финска во НАТО, како и зајакнувањето на воениот потенцијал на Алијансата.

ИНЦИДЕНТОТ ВО ПОЛСКА

Полските медиуми на 15 ноември објавија дека две ракети паднале во војводството Лублин на границата со Украина, при што загинале две лица. Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека ракетата што паднала во Полска е руско производство. Таа информација не беше потврдена во САД, а потоа американскиот претседател Џозеф Бајден објави дека според првичните информации не е точна верзијата дека се работи за руска ракета.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека тој ден немало напади врз цели во близина на украинско-полската граница, а објавените фотографии од некои остатоци немаат никаква врска со руското оружје. Фотографиите објавени во Полска од местото на инцидентот во Пржеводово недвосмислено укажуваат дека таму паднале фрагменти од ракетата од украинскиот систем за противвоздушна одбрана С-300, посочуваат од Министерството.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски првично изјави дека е сигурен дека Киев не е вмешан во инцидентот во Полска. Сепак, кратко потоа, тој рече дека не е 100 отсто сигурен што се случило.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Соединетите Држави не виделе докази кои би биле во спротивност со прелиминарните наоди на Варшава дека проектилот што падна во источна Полска бил украински.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.