Претседателот Пендаровски се обрати на свеченото отворање на СКОМРАХИ 2022

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер во Драмскиот театар во Скопје се обрати на свеченото отворање на 30-тите Меѓународните средби на студентите на академиите и факултетите  за драмски уметности СКОМРАХИ 2022, што под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија се одржуваат од 1 до 5 ноември.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани пријатели, студенти, професори, уметници,

Знаете подобро од мене дека театарот е поле на најдревното артикулирање на секоја човекова доблест или маана, и на неговите најдлабоки емоции, болката, радоста или тагата. А, театарската сцена е просторот во кој секој од нас се соочува со вистината за себе и за светот, колку и да е таа непријатна.

Од прастари времиња, задача на драмската ситуација е да покаже став и да се позиционира, или кон општествените аномалии или во однос на слабите точки на човековата интима. Но, најважната функција на оваа специфична уметност е да го толкува светот како отворен процес со мноштво нијанси во себе, како и да ги поставува прашањата во еден критички дискурс, кои политичката сцена, за разлика од театарската често сака да ги премолчи.

Тоа е суштинската, еманципирачка улога на театарот, да искажува ставови без страв и низ актуелните естетски форми да биде гласот на оние од маргините. Мајсторите низ драмските дејствија во театарот знаат како професионално да ги артикулираат клучните цивилизациски теми, затоа што се во постојана потрага по вистинскиот пат за отворање на прашањата, што е далеку поважно од нивното затворање.

Токму во овој контекст, од исклучително значење е тридеценискиот живот на нашите СКОМРАХИ, како меѓународна средба на академиите и факултетите за драмски уметности. Во овие времиња кои често се одликуваат со неразумни поделби меѓу нас, со губење на супстратот на она што се нарекува органска, креативна заедница, СКОМРАХИ со својот концепт, во кој се спојуваат различните култури и креативни потенцијали на Европа, се неопходни.

Динамично, налик на патувачките уметници, кои пред векови знаеле дека отпорот и мобилниот номадски дух се клучот за опстојување на заедницата, нашата креативна зона, наречена СКОМРАХИ верувам дека ќе трае за да биде поттик за создавање на иновативен театарски, драмски и актерски јазик. Јазик кој и понатаму ќе ги следи античките дефиниции, кои укажуваат дека во суштината на драмското дејствие се конфронтацијата и дијалогот преку кои се искачуваме скалило погоре во потрагата по слободата.

Неодамна починатиот театарски режисер, Питер Брук, велеше: „Да се биде со мејнстримот не е многу тешко – плимата е моќна и лесно е да дозволиме да нè зафати во својот правец. Единствено има смисла да се оди против плимата, иако е многу тешко.“

Драги пријатели,

Ви посакувам денови на креативна размена и уметничка конфронтација, и се разбира, пловидба наспроти плимата.

Ви благодарам.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.