Цуцуловски: МИКРОБИТЕ ГО ПОБЕДИЈА… (фино-лепо)

Loading...

МИКРОБИТЕ ГО ПОБЕДИЈА…

Си го подготвив ранчето, фино-лепо. Точно во 10:00 часот (фино-лепо) се качив да велосипедот за да отидам барем до Детското одморалиште на Водно, фино-лепо. Се наоѓа на 810 м.н.в. Таман имам време (два часа) да стигнам дотаму, да се пресвлечам и да се спуштам назад, во градот, фино-лепо. Стигнувам до ИЗИС, кој се наѓа, фино-лепо, на 500-на метри од бившата „Панорама“, фино-лепо. Кога таму, фино-лепо, полициска кола. Неможело да се оди понатаму, без разлика на возраста, без разлика дали сте со велосипед, автомобил, трчате или пешачите, фино-лепо.
Ги прашувам младите полицајци, фино-лепо, што е работата. Момците се љубезни. Ми одговараат дека таква е наредбата. Ако ме пуштат ќе бидат и тие, заедно со мене, казнети, фино-лепо. А имаат семејства, дечиња. Морат да им обезбедат храна, обелка… Ги разбирам. Тие само си ја вршат работата што некој друг, задскриен во некој темен кабинет, ја смислил и наредил да важи за сите, без исклучок.
Додека пријателски разговарам со младите полицајци, стигнуваат и други рекреативци. Некои на велосипед, некои пешачејќи или трчајќи. На сите им го објаснуваат истото. Наредбата била таква – сите назад!
Сопрените рекреативци имаме целосно разбирање за младите полицајци, за нивната искрена трпеливост и љубезното објаснување. Се поздравувам со нив, им посакувам убав ден и појдувам назад, дома. Влегувам испотен. Сопругата ме гледа вџашено. Мисли дека сум се вратил затоа што ми се случило нешто страшно.
Ѝ велам дека навистина ми се случи нешто. Ми се случи, додавам, полиција – фино-лепо. Не мислев на младите полицајци, кои само ја спроведуваа идиотската забрана/рестрикција. Мислев на оние, кои (фино-лепо) седат по своите темни кабинети, состанчат и не знаат што прават, фино-лепо.
Ќе сме се заразеле на Водно, во природа, на свеж воздух, но тоа немало да се случи ако останеме во градот, по дуќаните, аптеките, улиците, фино-лепо.
Додека пишувам, се сеќавам на мојата учителка од основното училиште во Штип. Се викаше Добрила Зумрова. Нѐ учеше дека наутро, штом се стане, прво треба да се отворат прозорците за да влезе свежит воздух и сончевите зраци. Тие ги убивале микробите и другите нездрави суштества. Нѐ учеше и на песмичката „Чиста Дана“, која изутрина, штом ќе стане…
Чабе нѐ учеле нашите учителки и учители, бидејќи сега дојде време во кое микробите, фино-лепо, го победуваат Сонцето – симболот на здравјето и светлината. Богами и на нашето државно знаме, без разлика како е стилизирано. Сонцето си е Сонце, за разлика од микробите!
За крај, фино-лепо, една песничка. Да не биде без ич.
P.S. Сега е петок (12:00 часот) и нема веќе излегување сѐ до вторник, фино-лепо. Сѐ е толку убаво што погрдо не може да биде, фино-лепо.

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...