Битиќи: Од утре возачките, сообраќајните дозволи и патните листови ќе бидат без надоместок

„Моето лично мислење е дека е дискриминација за тие кои биле совесни да постапат согласно законските измени и на време поднеле барање за промена на личните документи. Соодветно треба да се постапи за на некој начин да им се одолжиме зашто биле совесни граѓани на нашата држава“, одговара Битиќи на прашањето дали ќе им се вратат парите на оние што во 2020 година им бил издаден пасош со старото име и сега повторно треба да прават промена на документот
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им се заблагодари на сите колеги кои работат во управните служби, за кои посочи дека работат и во смени и за викенди и за празници за промена на сите документи кои граѓаните требаше да ги променат. Најави дека од утре на своите сметки ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата
Од утре промената на возачките и сообраќајните дозволи ќе биде бесплатна за граѓаните, исто како и издавањето на патните листови за оние што живеат надвор од државата, а имаат потреба да се вратат во земјава за да извадат нова патна исправа. Во државите каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва издавањето на патните листови да биде направено онлајн и ќе бидат испратени по пошта за граѓаните да не прават дополнителни трошоци. 
Ова на денешната прес-конференција го најави вицепремиерот задолжен за економски прашања Фармир Битиќи, на која присуствуваше и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој исто така најави новина за вработените на управните служби на МВР и рече дека ќе бидат наградени со уште една една плата за нивниот ангажман и прекувремена работа при издавањето документи.
„Пред малку на владината седница која ја имавме донесовме неколку важни одлуки за нашите граѓани, а тие се последица на работната група на која и беше дадена задача да најде решение за сообраќајните дозволи, возачките дозволи, патните листови и се што е поврзано со предвременото менување заради законските одредби кои значат усогласување со уставните измени т.е. со името на државата. Конкретно во работата група учествуваа неколку ресорни министри, а беше водена од мене како заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања“,рече Битиќи.

Посочи дека консултациите траеле две недели и соодветно на нив донеле три одлуки, од кои првата е од денеска Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите правни акти за да постапи, а тоа е возачките и сообраќајните дозволи за сите граѓани кои треба предвремено да се сменат да бидат без надоместок.
„Второ, Министерството за надворешни работи треба да преземе активности за издавањето на патните листови за оние кои живеат надвор од државата, а кои имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи, надоместокот за патните листови ќе биде без надомест за нив. МНР исто така се задолжи да преземе активности за издавањето на патните листови во државите каде што нема ДКП да биде направено онлајн и да биде испратено по пошта, за нашите граѓани кои живеат надвор од земјата да немаат дополнителни трошоци да го добијат патниот лист. Со ова сметаме дека им излегуваме во пресрет на сите граѓани со цел да постапат соодветно до крајот на годината“,рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случи со оние што веќе извадиле лични документи, како и кој на нив ќе им ги врати парите и дали денешната одлука не е дискриминирачка за нив, Битиќи потврди дека на владината седница се разговарало и за тоа, како и дека очекува во наредниот период да се најде решение и за нив.
„Моето лично мислење е дека е дискриминација за тие кои биле совесни да постапат согласно законските измени и на време поднеле барање за промена на личните документи. Соодветно треба да се постапи за на некој начин да им се одолжиме зашто биле совесни граѓани на нашата држава“,рече тој.
На прашањето што е со оние што во 2020 година извадиле пасош со името Република Македонија и сега повторно треба да го менуваат документот, Битиќи посочи дека можеби требало од првиот ден кога е потпишан договорот да се постапи соодветно.
„Бевме во период на ковид-криза во која издавањето на патни исправи не беше прва нужност и прва потреба на самите граѓани и не знам колку во тој период мислевме за патување, зашто ни беше ограничена таа можност. Првите патни исправи, односно поголемиот број патни исправи почнува да се издаваат во јули 2021 година. Можеби во овој период требаше поголема медиумска кампања за да се поттикнат граѓаните. Ние сме ограничени со трошоци на јавни пари за медиумска кампања, која е во насока на важно за нашите граѓани. Влегуваме во предизборен период кога имаме ограничување на што се можеме да го направиме“,вели Битиќи.

Заменик-министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев рече дека се донела одлука со која МВР се задолжува од утре да ги издава возачките и сообраќајните дозволи со името Република Северна Македонија на товар на ресорното министерство.
„Одлуката е денеска донесена на Влада. Си изготвуваат сите наши интерни акти кои ќе бидат потпишани од мене и од министерот за внатрешни работи“,
рече Бојмацалиев.
Рече дека им се заблагодарува на сите колеги кои работат во управните служби, кои, како што посочи, работат и во смени, и за викенди, и за празници за промена на сите документи што граѓаните требаше да ги променат.
„Би сакал да ги информирам дека утре на своите сметки ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата“,рече тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: