Ванковска со критики за Силјановска: Каде ви е Македонија?

Можеби некој ќе рече дека лентата на венецот во Рим е сега важна колку и ланскиот снег, но сепак размислувам за изјавата на претседателката од вчера, која беше сосема неубедлива.

Прво, не е точно дека лентите биле кратки и тоа бил проблемот. Бугарија е вистинска држава со протокол и им покажа: има разни фонтови и начини на едната страна да стои името на државата, а на другата името на претседателот. Впрочем, што е поважно: долгото име на претседателката или на државата (кого таа сократовски го скрати во заклетвата)? Но, во Рим страв ја фати. Скандалозен пропуст! Небаре многу славна личност била сама на поклонение заедно со новата титула!

Второ, во изјава за медиуми Силјановска зборува за некакви консултации со кабинетот, па дури и за различни ставови, алудирајќи на внатрешни дискусии. Колку што ми е познато, тој кабинет официјално засега се состои само од генерален секретар (некој правник од Министерство за земјоделие) и неговиот заменик Горан Момировски (кого го видовме во Рим и на речиси сите поважни официјални средби, а не знам зошто заменик е поважен од првиот човек на кабинетот). Таму беше и колегата Жидас Даскаловски (не знам во какво својство).

Но, поентата е дека Претседател не може да се “вади” на кабинетот во конституирање.

Второ, неа ѝ требало многу време за размислување за избор на членови. Камо среќа да размислуваше подолго за сериозни прашања како Украина, на пример.

Трето, не можеш да кажеш јавно од таа позиција дека сте имале различни ставови (несогласувања) околу венецот.

ТИ одлучуваш, кабинетот не е Наставнички совет на факултет ниту демократско тело. Кабинетот ти е СЛУЖБА, ама ТИ одлучуваш. Конечно, пофер е да кажеш дека си згрешила отколку да вадиш “кратки ленти” и имплицираш вина на непостоечки кабинет.

И конечно, срамота е интернет страницата уште да е со НАШАТА ЗЕМЈА. Барем напишете ВАШАТА/ТВОЈАТА земја чие име ни сократовски сега нема да знаете како да го изговорите, а да не згрешите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.