Ечат зурли и тапани на Бихачка – Свири „Тешко мина докторе“

Со зурли и тапани и мелодијата од песната „Тешко мина докторе“ на Бихачка се слави победата на поранешниот министер за здравство Венко Филипче победи на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ.

Според 95 проценти од обработените 77 избирачки места, Филипче освои 9.052 гласа што е околу четири пати повеќе од Филип Деспотовски за кои гласале 2.705 гласачи, додека пак Александар Бајдевски освоил 905 гласови. За Славјанка Петровска гласале 190 гласови, додека неважечки се 174 гласови.

Веднаш по затворањето на избирачките места, Бајдевски реагираше на малата излезност и порача дека тоа е поради немањето отчетен Конгрес и избрзаниот како што рече изборен процес. Деспотовски пак најави приговори и обвини дека над 10.000 социјалдемократи кои се регистрирале за гласање не можеле да гласаат.

Денешните избори на кои победи Филипче следуваа по катастрофалниот пораз на СДСМ на парламентарните избори во мај, на кој освои само 18 пратеници и по седум години на власт замина во опозиција. Пратеничко столче доби и Венко Филипче.

Филипче е неврохирург кој во политиката сериозно загази во 2017 година, кога му беше доверен ресорот Здравство. Тој е пред сериозен предизвик како да ја врати СДСМ на партиските шини и да ја направи силна опозиција, а во кампањата се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.