Во Македонија лесно може да се влезе ама потешко да се излезе

Без ПЦР тест, потврда за вакцинација или тест за антитела, Македонците ќе можат оваа сезона да влезат единствено во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија. Само за лица кои пристигнуваат од Индија е задолжителен карантин од 14 дена.
Во Македонија може да влезе кое било домашно или странско физичко лице, освен оние кои пристигнуваат од Индија за кои е задолжителен карантин од 14 дена, додека Македонците не толку слободно ова лето ќе може да ги посетат омилените дестинации.
Владата на вчерашната редовна 72 седница донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица што доаѓаат од земјите од Африка задолжително се упатуваат во 14-дневен карантин.
– На седницата, Владата донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од Африканскиот континент и Федеративната Република Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република С Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица патници од Република Индија – информира владината прес-служба.
Од Министерството за здравство за Плусинфо информираат дека во моментов нема други рестриктивни мерки за граѓаните кои влегуваат во нашата држава. Одлуки за евентуални нови рестриктивни мерки се носат согласно епидемиолошката ситуација во земјава и светот, додаваат од таму.
Во средината на мај, повеќето Македонци, како и секоја година започнуваат да размислуваат каде ќе го поминат летниот одмор, но поради пандемијата со ковид-19, влезот во некои од земјите кои во минатото беа омилени на нашите сограѓани нема да биде вообичаен како пред две години.
Без ПЦР тест, потврда за вакцинација или тест за антитела, Македонците ќе можат оваа сезона да влезат единствено во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија.
Но тоа не е така за една од најпосетуваните дестинации на нашите сограѓани. За влез на територијата на Грција задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа), но алтернативно може да се прикаже потврда за прележан ковид-19, како и задолжителниот ПФЛ документ кој се пополнува 24 часа пред влез во државата.
Овие правила за влез беа воведени минатата недела, а властите во Грција одлучија тие да бидат продолжени до 31 мај 2021 година.


Граничниот премин Евзони (Богородица) е единствениот кој е отворен за македонските граѓани со работно време од 7 до 23 часот по локално време, односно од 6 до 22 по македонско време.
– Засега добро се познати условите во одредени земји и се приспособуваме со секоја нивна промена. Очекуваме со воведувањето на „грин-пас“ од страна на ЕУ значително да се олесни патувањето, секако тоа ќе влијае и на нашата понуда. Во моментов поради тоа сме во исчекување за да знаеме што да правиме со аранжманите за Малта – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.
Во моментов сите вакцинирани граѓани на Македонија не можат да одат во Турција, но се очекува наскоро ова да се промени, поради тоа што неодамна Турција постигна договор со Србија и граѓаните на овие две земји можат да патуваат со потврда за вакцинација. Но во моментов, влез во оваа земја е можен само со направен негативен тест за ПЦР не постар од 72 часа. Секако оние кои сакаат да летуваат во оваа земја задолжително мора да пополнат образец за влез кој е речиси идентичен како тој што е потребен за во Грција.
– Наскоро ќе се разгледува можноста и нашите клиенти да може да патуваат во Турција со потврда за вакцинација, но останува да видиме. Исто така задолжителен е и формуларот, без тој не може да се влезе. Како и за секое друго патување и во Турција е потребно патничко осигурување, а доколку некое лице биде инфицирано со ковид-19 за време на престојот, државата Турција со тоа патничко осигурување ги покрива трошоците за лекување – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.
Влез во Бугарија до неодамна беше единствено можен со негативен ПЦР тест, но тоа сега е променето.
– Сите вакцинирани лица може да влезат во Бугарија, а исто така и оние кои имаат негативен ПЦР тест извршен до 72 часа пред влегувањето во земјата или негативен резултат од брз тест на антиген до 48 часа пред влегување. Исто така е овозможен влез и со документ што покажува позитивен резултат на тест со полимеразна верижна реакција или брз тест за антиген за ковид-19 за лица кои биле заболени од ковид-19 за периодот од 15-ти до 180-ти ден од датумот на тестирањето, внесен во документот – велат од бугарската амбасада во Скопје.
Една од поегзотичните дестинации која често е посетувана од Македонците е Египет, земја која може да се најде во понудите на домашните туристички агенции, но и за влез во оваа земја потребни се одредени документи.
– За државјаните на Република Северна Македонија, од 01.09.2020 година, за влез и транзит низ Арапската Република Египет, е задолжителен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Мерката не се однесува за децата до седумгодишна возраст кои патуваат со своите родители. Државјаните на РСМ, влезна виза добиваат на аеродромите по пристигнувањето и таа чини 25 американски долари. Носителите на дипломатски патни исправи, влезни египетски визи задолжително треба да побараат во Египетската Амбасада во Софија – се вели во соопштението на македонското МНР.
Оние кои сакаат да одат на хрватскиот брег треба да имаат еден негативен тест за ПЦР или потврда за вакцинација, но дека втората доза е примена најмалку 14 дена порано или тест за антиген. Исто така, потребно е однапред да се резервира сместување и да се достави потврда за тоа, како и причината за влез во земјата. Хрватите ги преферираат вакцините одобрени во ЕУ.
Во некои од нашите агенции има понуди за летување во Кипар и Малта, но како што нѐ информираат, засега тие се на „стенд-бај“, поради тоа што се очекуваат конечните протоколи кои треба да бидат прецизирани по 1 јуни од страна на ЕК.
Според претходната одлука на Европската комисија, дигиталните сертификати ќе бидат сертификати за имунизација со вакцини кои се одобрени за употреба низ целата Европска унија, но земјите-членки можат да одлучат да прифаќаат други вакцини како услов за слободно патување на нивната територија.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека тешко е сега да се каже каква ќе биде политиката на земјите-членки на Европската Унија или на секоја од земјите поединечно во рамки на ЕУ, надвор од Унијата во Европа или ширум светот за патување во услови на ковид криза.
Тој потенцираше дека има некои најави и информации, но некои од ставовите на земјите се менуваат.
– Во секој случај нашиот „грин пас“ ќе биде спремен од почетокот на следната недела. Тоа е пас кој електронски преку QR (Кјуар) код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вакцината, ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР тестирање, и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест – изјави Филипче

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.