Две куќи, стан, градежно земјиште и златен накит: Еве што пријави Таравари во анкетниот лист!

Министерот за здравство, Арбен Таравари, има две куќи, еден стан, градежно земјиште, уметнички слики и златен накит, покажува неговиот анкетен лист објавен на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Како што можете да видите, поранешниот градоначалник на Гостивар, а сегашен министер за здравство, има станбена куќа во Гостивар од 503 метри квадратни во вредност од 43.050.000 (четириесет и три милиони и педесет илјади денари) или 705.737 евра, која ја добил како подарок во 2023 година.

Таравари има и стан во Карпош со површина од 94 метри квадратни, во вредност од 5.771.600 денари или 94.616 евра. Станот е купен во 2014 година.

Потоа следува и куќа во Карпош, со површина од 261 метар квардатен, а во вредност од 9.254.250 денари или 151.709 евра. Оваа куќа, според податоците во анкетниот лист е купена во 2021 година.

На крај од недвижниот имот следува градежно земиште во Тетово со површина од 469 метри квадратни, во вредност од 8.841.600 денари, кое е во сопственост на родителите на Таравари, а основ за стекнување е наследство.

Од недвижен имот министерот пријавил само автомобил Волво во вредност од 3.070.000 денари, купено во 2016 година.

Таравари наведува и податоци за банкарски депозити, негови и на членови на неговото семејство, но без конкретни суми.

Министерот пријавил и заем од нешто повеќе од 4,5 милиони денари земен во 2021 година.

Како друг имот, Таравари навел дека поседува златен накит, во сопственост на неговата сопруга, која го добила како подарок во 1998 година, во вредност од еден милион и триста и педесет илјади денари, како и уметнички слики од 2018 година во вредност од 245 илјади денари.

Претходно, Александар Николоски, кој сега е колега министер на Таравари, го обвинуваше актуелниот министер за здравство дека добил куќа како подарок, затоа што го свртел курсот кон СДСМ и ДУИ.

– „Таравари пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Таравари, исто така, од еден функционер во оваа Влада од ДУИ?“. – велеше Николоски минатата година.

Во текот на утрешниот ден на Инфомакс ќе можете да прочитате нови детали за имотите кои ги пријавиле актуелните функционери во Владата и Парламентот, а во продолжение прочитајте што открива анкетниот лист на премиерот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.