Како санкциите се одразија на секојдневниот живот на обичните Руси?

Граѓаните веќе почнаа да ги чувствуваат последиците од овие мерки – поскапуваат основните производи, а на некои им се заканува и губење на работата.
Поскапа храна, недостаток на лекови
Потрошувачките цени на производите во Русија скокнаа за 2,2% во првата недела од инвазијата, а најмногу пораснаа цените на храната. Воведените санкции не се однесуваат на продажбата на лекови, но многу големи транспортни компании ја прекинуваат соработката со Русија и веќе е тешко да се набават некои медицински производи.
Откако Русија ја нападна Украина, вредноста на рубљата драстично падна, што поттикна многу трговци да ги зголемат цените.
Дарија, која живее во центарот на Москва, вели дека засега нема празни полици во продавниците.
„Храната нема да исчезне, но ќе поскапи. Не можам ни да замислам колку би можела да поскапи, се плашам да размислувам за тоа“, вели таа.

Јан, граѓанин на ЕУ кој живее и работи во Москва, рече дека на 20 февруари нарачал намирници за 5.500 рубли, а сега истото тоа го чини 8.000 рубли. Тој додаде дека цената на млекото е двојно зголемена во последните две недели.
Цените на шеќерот и на житариците овој февруари веќе беа повисоки за околу 20 отсто отколку пред една година. Руската државна новинска агенција Тас објави дека некои трговци се согласиле на ограничено зголемување на цените на некои основни производи до 5%, додека други воведоа ограничување за тоа колку може да се купат основните намирници како брашно, шеќер и масло.
„Купивме 4 килограми кафе, 4 литри сончогледово масло, 4 литри маслиново масло и четири шишиња виски. Нарачавме и тримесечна залиха на таблети за висок притисокј, бидејќи веќе тешко се доаѓа и до некои лекови“, вели Дарија.
Последните iPhone уреди
Во Русија поскапеа и мобилните телефони и телевизорите. Големите компании како Apple, Ikea и Nike повеќе не ги продаваат своите производи во Русија, пишува BBC.
Дарија веќе некое време размислувала да купи нови лаптопи за своето семејство, но сега побрза со таа одлука бидејќи видела дека цените постојано растат.
„На почетокот на февруари лаптопите чинеле околу 70.000 рубљи, но до крајот на месецот се искачија на 100.000, колку што и ги плативме. Тогаш цената се искачи на 140.000 рубли. Сега ги нема, сè е распродадено“, вели Дарија.
Не купила полначи за iPhone, иако Apple на 2 март објави дека ќе престане да ги продава сите свои производи во Русија. Поскапеа и новите автомобили.
Павел, универзитетски професор со сопруга и две деца, рече дека цените на апаратите за домаќинство пораснале за речиси 30 отсто на денот на почетокот на војната. Успеал да купи фрижидер, шпорет, машина за перење и котел, а само ден пред затворањето на Ikea, нарачал еден кревет.
Губење на клиенти и бизнис
Руските банки се отстранети од меѓународниот платен систем SWIFT. Visa, Mastercard, American Express, Apple и Google Pay ги ограничија своите услуги во Русија.
„Оваа ситуација значително се одрази на нашата работа“, вели Наташа, која работи во фитнес центар.
„Имаме сè помалку корисници. Луѓето бараат од нас враќање на средствата за членството во клубот, а нашите трошоци за изнајмување, опрема и чистење растат“, вели таа, додавајќи дека верува дека многу компании како нејзината ќе мора да ги затворат своите врати.
Екатерина води неколку училишта за странски јазици и вели дека веќе има проблеми поради воведените санкции.
„Имаме наставници во други земји на кои не можеме да им платиме затоа што не можеме да ставаме пари на странски сметки“, рече таа, додавајќи дека не знае како ќе се одржува наставата во меѓународни групи доколку платформата Zoom не функционира.
Дарија е исто така загрижена дека ќе ја изгуби работата.
„Засега нема кратење на проектите финансирани од владата на кои работам, но многу се плашам дека во одреден момент ќе останам без работа“, објасни таа.
Дарија го обвинува претседателот Путин за воведените санкции, но повеќето Руси ги следат само државните медиуми, кои наметнуваат сопствена пропаганда. Толку многу руски граѓани продолжуваат да го поддржуваат Путин и го обвинуваат Западот за санкциите. Некои не ја одобруваат војната во Украина, но молчат бидејќи може да завршат во затвор доколку ги критикуваат властите.
„Не можете веднаш да препознаете што се случува во Москва. Кафулињата и рестораните сè уште се полни, метрото работи, во центарот сè уште има метеж“, вели Дарија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.