Како течеше ослободувањето на Скопје во 1944?!

Скопје го одбележува 13 ноември, денот кога во 1944 година борците од Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесетата македонска бригада го ослободија градот од фашистичката окупација.

Кон крајот на август, почна масовно префрлање на градската младина во единиците на македонската војска, а на 29 август од затворот Идризово бегаат 300 затвореници од кои најголем дел беа организатори на Народноослободителната борба од градот и околината. Нив ги прифаќа Третата македонска ударна бригада и веќе наредниот ден влегуваат во борба со окупаторот.

Како течеше ослободувањето на Скопје во 1944?!

Тоа беше време кога народноослободителна војска на Македонија прераснува во крупни воени единици како бригади, дивизии и корпуси. Во самиот град пак делуваат помали единици, диверзантски групи, што предизвукуваат метеж во редовите на окупаторот, вршејќи напади и разорожувајќи ги окупаторските војници.

Утрото на 12 ноември 1944 година, започнаа борбите за конечно ослободување на градот Скопје, а веќе наредниот ден во вечерните часови на 13 ноември градот беше слободен.

Во ослободувањето на Скопје учествуваат Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесеттата македонска бригада, додека градот го бранеа единиците на 22-та гренадирска германска дивизија (47-иот и 65-тиот полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката Клисура беше распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија.

Борбата за Скопје отпочнува утрината на 12–ти во јужниот дел на градот. Додека единиците на македонската војска брзо напредуваат низ борби по улиците, окупаторот се повлекува до порано утврдените згради. Третата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совлада отпорот на Германците. По заземањето на зградите дојде до кејот, каде што води борба за мостовите. Делови од 12-тата и 3–тата бригада отпочнаа борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада водеа борба за зградата на Учителската школа и Поштата.

Во текот на 12 и 13 ноември се развија жестоки борби. Одделни згради, како на пример Поштата, по неколкупати преминуваа од раце в раце. Во овие борби голема улога имаат диверзанстките групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавија и ненадејно ги нападнаа Германците в грб. Потоа се поврзаа со единиците и вршеа улога на водачи, кои точно го познаваа градот и организацијата на германската одбрана.

50-тата дивизија и 8-та бригада, ги започнаа нападите со извесно задоцнување. Претпладнето на 12 ноември тие отпочнаа со нападите на германската одбрана на источниот дел од градот. 16-тата бригада која успеа да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓаа при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, на 12 ноември попладне, го отпочна нападот на касарните. Така обрачот се` повеќе се стеснувал околу германските сили.

Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што беа во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успејаа да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останаа забарикадирани во разни згради, почнаа постепено да капитулираат. Најдолго се држеа во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи.

Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи (3-4 лица), кои ги пресекуваа телефонските и телеграфските кабли, ги спречија Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеа, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречија минирањето и на Камениот мост. Исто така, по жестоки борби било спречено да ја минираат и хидроцентралата Матка. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеа да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја сочува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава.

Додека единиците на македонските бригади го гонеа непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителн одбор, на 13 ноември 1944 година, издава објава за првите мерки кои ги превзема народната власт во ослободено Скопје.

Само неколку дена по влегувањето на единиците на македонската војска во Скопје, додека во околината продолжуваа операциите за разбивање на остатоците на непријателските сили, во градот пристигнаа членовите на Президиумот на највисокиот орган на македонската држава, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија (АСНОМ), на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено – политички организации.

По ова вистинско ослободување на Скопје, градот почна да живее, да расне и да се развива. И покрај природните катастрофи кои во меѓувреме го снајдоа, поплавата 1962 и земјотресот во 1963 година, со помош на домашната и маѓународната заедница, последиците набргу беа надминати, а градот продолжи слободно да чекори и да се движи напред.

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.