Маричиќ: Соработката со САД е солиден темел за исполнување на европската агенда на Северна Македонија

Северна Македонија има стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, како и посебни форми на соработка. Системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата, порача првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во рамки на посетата на САД денеска учествуваше на панел дискусијата на тема „EU-US Relations: Building Collective Security in a Shifting World, Односи ЕУ-САД: Градење колективна безбедност во свет кој се менува“.
На конференцијата, Маричиќ ја истакна соработката со САД со стратегијата за поддршка на Западен Балкан базирана на три принципи – јасна агенда, силна поддршка и константно присуство.
-Северна Македонија има воспоставено стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, посебни форми на соработка, каде што системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата, и ќе помогне во регулирање и реформирање на системот на патот кон ЕУ. Решавањето на предизвиците како што се корупцијата и промовирањето на интеграцијата се од суштинско значење за постигнување на оваа цел, посочи Маричиќ.
Тој истакна дека присуството и поддршката на американските политичари се од витално значење во борбата против корупцијата на нашиот евроинтергативен пат. Како што рече, ангажманот и соработката со американските политичари ја зајакнува нашата посветеност на демократските вредности и ги зајакнува трансатлантските партнерства.
-Посветени сме на поттикнување на регионалната соработка преку редовни посети и дијалог. Зајакнувањето на партнерствата во рамките на Западен Балкан и со сојузниците во НАТО е од клучно значење за унапредување на заедничките цели и справување со заедничките предизвици, додаде Маричиќ.

Како што напомена, претстојните европски избори имаат значајно значење во обликувањето на иднината на Европа. Тој потенцираше дека од суштинско значење е да се истакнат прогресивните перспективи на младите генерации кои се залагаат за европско единство и соработка.
-Исходот од европските и локалните избори во Западен Балкан ќе има големо влијание врз идната траекторија на регионот. Овие избори претставуваат клучни пресвртници во нашето колективно патување кон стабилност и просперитет, рече Маричиќ.
На конференцијата беше истакната и геополитичката ситуација во Европа, со нагласена важност од креирање на иднина која ќе значи безбедност и стабилност во регионот.
На панел дискусијата учествуваа и Јовита Нелиупсиене, евроамбасадорката во САД, Кристофер Смарт, основач на Аброт Груп,  додека модератор на панел дискусијата беше Џереми Шапиро, директор за истражување од Европски совет за надворешни односи.

Пронајдете не на следниве мрежи: