Повици од Атина за раскинување на договорот од Преспа

Поранешниот премиер Андонис Самарас го повика премиерот Мицотакис да го раскине Договорот од Преспа и да стави вето на Македонија на секој чекор. Тој притоа посочи дека иредентизмот кој доаѓа од Скопје мора да се пријави насекаде.

„Предупредив и за потребата од наше постепено повлекување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје од почетокот не го почитуваше како што не ја почитуваа ниту Времената спогодба на Андреас Папандреу. Добро ми е познато што значи вршење притисок од „пријатели“, секако за нивен интерес. И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа“, рече Самарас.

Посочи дека „Договорот од Преспа е тој што го храни национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот“, додавајќи дека токму ова било цврстото мислење на основачот на Нова демократија Константинос Караманлис, повторувајќи ја неговата изјава „Македонија е една и таа е грчка“.

„Завчера, скопската претседателка на државата Сиљановска јавно ја изрази иредентистичката догма: вели, се сретнала, со претставници на Децата бегалци од Егејска Македонија и разговарала со нив за прославите за 75-годишнината од прогонот на Македонците од Егејот. Што друго треба да слушнеме за конечно да се разбудиме?“, рече Самарас.

На прашањата од надворешната политика, се осврна и поранешниот премиер Костас Караманлис и рече дека треба да се испрати јасна порака до Тирана и Скопје дека однесувања како тие на две земји кон Грција не може да се толерираат и повлекуваат последици, но и да се укаже дека патот кон Европа зависи од Грција.

Повици од Атина за раскинување на договорот од Преспа

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.