Почнува бришењето на учебниците

Mакедонското МНР соопшти дека на првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања одржан денес, усвоени се Деловникот за работа и динамиката на идните средби.
-Состанокот се одржа во пријателска атмосфера, во согласност со духот и принципите на Спогодбата од Преспа. Двете страни го усвоија Деловникот за работа на ЗИКЕ и се согласија за динамиката на идните состаноци. Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, коишто беа присутни во минатото, стои во соопштението.
Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, пред два дена, за МИА најави дека состанокот ќе се одржи во Солун до крајот на оваа седмица. Членови на Заедничкиот интердисциплинарен комитет од македонска страна, покрај амбасадорот Габер се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.
Од Грција во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети. Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.
– Точно е дека имало и тешки и болни моменти во историјата, но тие не смеат да бидат пречка за да одиме напред, туку мораме да ги објасниме и на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикува нови болни моменти. Не можеме, во овој регион, особено сега кога одиме кон ЕУ, да продолжиме да живееме на начин како порано, мора да соработуваме, мора да се движиме напред и мора да им помогнеме на новите генерации, да не бидат опседнати како што биле мојот дедо, татко, јас. Факт е дека и кај нив во нивните учебници, и кај нас во нашите учебници има елементи кои што предизвикувале одредени непријатни чувства кај другата страна и ги притискле новите генерација, вели амбасадорот Габер.
На прашањето кои се темите кои се очекува да предизвикаат најмногу полемика, Габер вели, постојат неколку елементи во нашата и нивната историја што се болни. Како пример посочува на периодот од Втората светска војна, соработката на грчките и македонските партизани, до кој степен бил возможен тој однос, дали ќе имало балкански штаб како што предлагале југословенските партизани, а мекедонските го прифаќале. Потоа што бил СНОФ за партизаните, или за премолчениот договор Аверов – Поповиќ од 1959 година. Има и позитивни примери, вели, како што е Пактот помеѓу Југославија, и во тие рамки Македонија, со Грција и Турција од 1954 година.
Во однос на именувањето на населените места – топонимите (Тесалоники или Солун, Монастири или Битола…), Габер посочува дека ќе се користат меѓународините конвенции, кои што за нас, вели, се доста поволни. Во тој контекст, нагласува, ќе послужи и признавањето на македонскиот како службен јазик во поранешна Југославија заедно со словенечкиот и српско-хрватскиот на Конференцијата на ОН во Атина 1977 година.
Македонскиот тим според областа на експертиза е мултидисциплинарен и покрај Габер како искусен дипломат од кариера, вбројува и еден историчар, еден јазичар, археолог, политиколог, писател – филозоф и експерт за меѓуетнички односи. Тоа говори, посочува Габер за неговата конципираност врз цивилизациски модел чија цел е да придонесе за поинакво гледање на работите, кое е научно и историски засновано, но ќе овозможи натамошен развој на земјата.
Кај грчкиот тим, пак, има тројца класични историчари, што се подразбира, вели, како желба прецизно да се утврдат елементи што не треба да предизвикаат антагонизми. Со оглед на обемноста и комплексноста на материјалот што е предмет на интерес, очекува во претстојната работа на Заедничкиот интердисциплинарен комитет да има расправи со аргументи, односно стручен и научен приод кон теми кои предизвикувале во минатото различни толкувања.
– Всушност, целта на овој комитет е токму да дојде до солуции што нема да бидат спротивни на тенденциите за европеизација на овие простори, посочува амбасадорот Габер, додавајќи дека тоа ќе биде еден долгорочен процес.
Овој Македонско – грчки комитет секако ќе ги користи и искуствта во работата на Заедничкиот македонско-бугарски комитет, а кој наскоро треба да ја има третата средба. Променетите учебници треба да бидат готови до почетокот на следната учебна година, а ќе се менуваат и топонимите во учебниците за основно и средно образование.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.