Свети Кирил го вградил не само својот, туку и нашиот живот во Европа и тоа мора да го почитуваме

По молебенот пред гробот на Свети Кирил, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и државно-црковната делегацијата положија цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Кирил и Методиј во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја предводи државно-црковната делегација во Рим по повод одбележување на 24 Мај, денеска се поклони пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“.

Гордана Сиљановска-Давкова пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим

Молебенот на гробот, односно кратката богослужба за оддавање благодарност, ја водеа митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен од Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

Гордана Сиљановска-Давкова пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим

По молебенот на гробот на Свети Кирил, претседателката порача дека е оддадена почит на делото на „апостолот заслужен за културниот развој на сите словенски народи“.

„Кирил бил со векови пред времето, го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот, на некој начин, во Европа пред многу, многу векови и тоа мора да го почитуваме. Кирил порачал дека јазикот е код за разбирање, дека треба да се разбираме, да се обидеме да се слушаме, да се помагаме. Кога вака доаѓаме едни по други, има ли поголем доказ дека тој на ум имал обединување на сесловенскиот свет. Тој им припаѓа на сите и мислам дека неговата порака е хумана порака“,

порача Сиљановска-Давкова.

Митрополитот европски, владика Пимен, кој заедно со владиката Тимотеј го водеше молебенот пред гробот на Свети Кирил, во изјава за медиумите кажа дека овој настан, кој се организира по 56. пат, е од особено значење во теолошка смисла, но и за македонскиот народ воопшто.

„Токму тука, каде почива Свети Кирил е победена тројазичната ерес. Тоа покажало дека на секој јазик може да се слави Господ Бог и со тоа се дава можност секој човек на свој јазик да слушне за Господа и да не биде само пасивен посматрач, туку активено да може да се посвети на службата“,

изјави митрополитот европски Пимен. 

Молебен пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим

Освен во теолошка, додаде владиката, делото на Свети Кирил е од значење за македонскиот народ во контекст на користење на кирилицата и зашто, како што рече, македонскиот народ останал посебен од сите словенски народи со својот македонски литературен јазик кој не е копија на ниеден друг.

По молебенот, претседателката Сиљановска-Давкова и државно-црковната делегацијата положија цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Кирил и Методиј.

„Светите Кирил и Методиј со нивната просветителска мисија придонесоа кон втемелување на правото на еднаквост, јазик и култура. Во чест на нивното дело во базиликата ‘Санта Марија Маџоре’ положивме цвеќе на спомен – плочата напишана на македонски јазик“,

порача претседателката.

Сиљановска-Давкова пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Кирил и Методиј во базиликата „Санта Марија Маџоре“

За попладнево, како што јавува известувачот на МИА од Рим, предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да се сретне со италијанскиот претседател Серџо Матарела по што ќе даде изјава за медиумите.

Посетата на Рим и Ватикан на Гордана Сиљановска-Давкова по повод одбележување на 24 Мај е нејзина прва посета на странска држава по преземањето на претседателската функција. Посетата официјално ја почна вчера со аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Пронајдете не на следниве мрежи: