Таравари: Максим ми е добар пријател, изјавата му е за политичко поентирање

Лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари вечерва изјави дека е во добри односи со Максим Димитриевски од ЗНАМ и ја оцени како „политичко поентирање“ неговата реакција дека ќе излезе од Владата ако министрите повторно истакнат албанско знаме во владините простории.

– Не сум се слушнал пет, шест дена, но имам комуникација. Максим ми е добар пријател. Мислам дека тоа е повеќе за политичко поентирање отколку дека навистина така размислува господинот Максим Димитриевски. Неговата кампања кога беше кандидат за градоначалник 2021 година доби огромен број на албански гласови. И во неговата канцеларија гледам дека има албанско знаме и не е ништо страшно. Албанското знаме е официјално знаме кое се користи во нашата држава, така што не е ништо страшно. Мислам дека е повеќе политичко поентирање отколку дека навистина така размислува, рече Таравари во Тема на денот на ТВ Сител.

Тој исто така кажа и дека се уште не е завршена правната битка за Алијансата на Албанците, која се подели пред изборите. Дел од членството се приклони кон него, додека дел кон Зиадин Села. Печатите од партијата, рече Таравари, се кај нив, но исто така кажа дека одлуката за одземање на печатите на Судот ја обжалиле пред Апелацискиот суд.

– Не ни треба веќе притисоци од никого. Само да се донесе мериторна одлука. Ништо друго, рече Таравари.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.