УКРАИНА РАЗМИСЛУВА ЗА ЦЕЛОСНО „ПОМРАЧУВАЊЕ“: На Европа и се заканува нов голем мигрантски бран, Кремљ ќе предизвика ХУМАНИТАРНА криза

Речиси половина од енергетската инфраструктура на Украина беше уништена од руски ракетни напади. Инженерите работат деноноќно на поправка на националната електрична мрежа, а прекините на електричната енергија продолжуваат во повеќето градови низ земјата. Искршени се и стотици километри гасоводи и водоводни мрежи.

За Украинците оваа зима ќе биде една од најтешките во историјата, не само поради ракетите и беспилотните летала што им летаат над главите, туку и поради недостатокот на основни услови потребни за нормален секојдневен живот, како што се греење, вода за пиење и електрична енергија.

УКРАИНА РАЗМИСЛУВА ЗА ЦЕЛОСНО „ПОМРАЧУВАЊЕ“: На Европа и се заканува нов голем мигрантски бран, Кремљ ќе предизвика ХУМАНИТАРНА криза

Украинските власти развиваат планови за различни кризни ситуации, вклучително и целосно затемнување на земјата и ги советуваат сите што можат да си дозволат да се преселат во постабилни региони или во странство.

Граѓаните на двата ослободени града на југот на земјата, Херсон и Миколаев, добија совет да се евакуираат бидејќи инфраструктурата е премногу оштетена. Хуманитарната криза опасно тропа на врата, а европските земји се подготвуваат за нов бегалски бран од Украина.

Украинците се враќаат, но…

Од почетокот на инвазијата на Путин на 24 февруари, повеќе од 15 милиони Украинци ја напуштиле земјата, според УНХЦР. Оттогаш, околу половина од нив се вратиле во Украина, но околу 7,8 милиони луѓе остануваат раселени низ Европа.

Војната во Украина доведе до најголемата бегалска криза во Европа од крајот на Втората светска војна. Најголем дел од нив побегнале во Русија (2,8 милиони), Полска (1,5 милиони), Германија (еден милион) и Чешка (околу 400.000), кои примиле најголем број украински бегалци по жител, пренесува Јутарњи лист.

Во септември значително се намали бројот на Украинци кои поднеле барање за азил во европските земји, најмногу во Германија, Полска и Франција. Меѓутоа, тогаш, на почетокот на октомври, мостот на Крим беше уништен и како одмазда Русија започна масовна кампања на гранатирање на цивилната украинска инфраструктура, која сè уште трае.

Источноевропските земји кои граничат со Украина планираат да ја обноват работата на волонтерските центри за прием на бегалци. Други земји подготвуваат станови и средства за социјална поддршка за принудните мигранти.

Словачката влада подготви акционен план во вонредна ситуација и овозможи прием на до 700.000 Украинци за три месеци. Извештаите од волонтери во градовите во источна Словачка веќе укажуваат на зголемување на бројот на Украинците за 15 проценти. Во моментов во Словачка има околу 100.000 Украинци.

Унгарците се подготвуваат

Унгарија, исто така, предвидува зголемување на бројот на луѓе кои бегаат од војна. Во моментов во Унгарија дневно влегуваат меѓу 300 и 500 луѓе, што е многу помалку отколку на почетокот на пролетта, кога земјата примаше и до 1.000 бегалци дневно. Унгарија на барателите на азил им обезбедува привремена заштита, финансиска поддршка и поедноставени услови за вработување.

Романија беше една од првите земји што го одобри планот за интеграција на Украинците во општеството, а владата постојано го ажурира тој план во согласност со развојот на ситуацијата. Државата распоредува средства долж границата за помош на украинските бегалци, а такви активности се одвиваат низ целата земја.

Букурешт веќе ги идентификуваше капацитетите во кои планираат да ги сместат бегалците за време на новиот бран и одвои средства за финансиска и социјална поддршка на Украинците во Романија, кои моментално ги има околу 92.000. И Бугарија врши подготвителни работи и ги чека Украинците.

Но, по доаѓањето на новите бегалци, тие нема да бидат сместени во хотели, како досега, туку прво ќе одат во привремен центар во градот Елхово. Потоа во рок од 30 дена ќе бидат префрлени во државните прифатни центри и ќе можат да аплицираат за статус на бегалец.

Полска подготви околу 100.000 места во прифатните центри за новиот бран бегалци од Украина, додека Германија забрзано гради бегалски населби на местото на поранешниот аеродром Тегел во Берлин, каде што можат да се сместат 3.600 луѓе. Естонското Министерство за внатрешни работи верува дека до крајот на 2023 година во земјата би можеле да бидат до 75.000 Украинци.

Во моментов во земјата има 61.500 Украинци, но само 37 отсто од нив добиле статус на привремена заштита. Досега само Чешка изјави дека доколку руското гранатирање на критичната инфраструктура на Украина предизвика нов бран бегалци од Украина, земјата тешко ќе се справи со тоа. Чешкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека Чешка ќе може да прими уште половина милион бегалци од Украина, покрај веќе присутните 400.000 Украинци.

Најлошата зима

Украинците кои не можат да ја напуштат земјата се подготвуваат за една од најлошите зими. Украина има помалку од половина од резервите на гас што и се потребни за безбедно да ја преживее зимата.

Гасот што го увезуваше од Европската унија престана да тече бидејќи нејзините европски сојузници се соочуваат со сопствена енергетска криза. Украина веќе се справува со температури кои навечер се спуштаат под нулата, а стотици илјади луѓе треба да најдат начин да заспијат без никаков извор на греење.

Луѓето кои живеат во куќи собираат огревно дрво, но проблем им создаваат мините и неексплодираните гранати поставени во шумите.

Оние кои живеат во станови мораат да носат вода по скали бидејќи нема струја и не работат лифтовите. Општините ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија во нивните згради, јавниот превоз и градското осветлување.

Редовните контролирани прекини на струја продолжуваат, а Владата ги предупредува граѓаните да подготват опрема за борба против студот, од вреќи за спиење и топлинска облека до дизел генератори во станбените згради.

Целта на Русија е да остави милиони луѓе без ресурси за да се справат со студот. Кремљ се надева дека нападите врз критичната инфраструктура ќе предизвикаат хуманитарна криза и дека новиот бегалски бран ќе ги подгрее тензиите во ЕУ и ќе ја намали поддршката што европските земји и ја испраќаат на Украина.

Европските земји сега бараат начин да се спротивстават на руските напори бегалците да ги претворат во алатка за притисок.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.