Ќе ги ратификуваме меморандумите откако ќе се осигуриме дека новата влада во Скопје употребува „Северна Македонија“

Мицотакис рече дека не ги поднеле за ратификација протоколите поради националниот пароксизам (нагло влошување на состојбата н.з.) на ВМРО-ДПМНЕ, што се манифестирал во последните две години. Сакале, додаде тој, да бидат сигурни дека владата во Северна Македонија ќе се усогласи со клучните точки од Договорот, а најклучно, како што рече, е прашањето со името

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска, овој пат од парламентот на земјата, порача дека неговата влада во овие околности нема намера да ги ратификува трите меморандуми кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

Мицотакис ова го порача одговарајќи му на лидерот на пратеничката група на Сириза во грчкиот парламент, Сократис Фамелос, која ги достави за ратификација трите меморандуми, инсистирајќи дека тие ќе придонесат за зајакнување на грчката позиција.

Инаку, од утрово во грчкиот парламент, како што јави дописничката на МИА од Атина, се води расправа на теми поврзани со инфлацијата во земјата. Фамелос во својот говор освен за овие прашања, се осврна и на надворешната политика, ставајќи го акцентот на Договорот од Преспа и ставот на актуелната влада на Нова демократија за трите меморандуми.

„Во овие околности кога цела Европа е наспроти Северна Македонија, но не случајно, туку затоа што се мобилизираше и грчката дипломатија и јас лично, а постојат строги повици до Скопје да го сменат ставот, доаѓате и барате со закон сега да се ратификуваат меморандумите. Навистина кревам раце“,

рече грчкиот премиер обраќајќи му се на лидерот на пратеничката група на Сириза. 

Одговарајќи му Фамелос, грчкиот премиер го повтори својот став дека уште кога Нова демократија беше во опозиција, на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, на почетокот на 2019 година кажал дека тој и неговата партија не се согласуваат и ќе гласаат против Договорот, но оти ќе мораат да го почитуваат бидејќи претставува меѓународен меѓудржавен договор кој ги надвладува грчките закони и со „тоа немаме начин да го смениме“.

Мицотакис рече дека не ги поднеле за ратификација протоколите поради националниот пароксизам (нагло влошување на состојбата н.з.) на ВМРО-ДПМНЕ, што се манифестирал во последните две години. Сакале, додаде тој, да бидат сигурни дека владата во Северна Македонија ќе се усогласи со клучните точки од Договорот, а најклучно, како што рече, е прашањето со името.

„Изразивме и силна резервираност за националниот пароксизам на ВМРО, како што се манифестираше во последните две години и одбравме да не ги донесеме за ратификација протоколите што, внимавајте, не произлегуваат од самиот Договор од Преспа, туку го придружуваат, бидејќи сакавме да бидеме апсолутно сигурни дека од Владата на Северна Македонија ќе има усогласување со клучните точки од Договорот, а најклучно е прашањето со името. И целосно е оправдан овој наш став. Бидејќи сега доаѓа нова влада, со нова претседателка и мандатар за премиер кои отворено го презираат Договорот од Преспа, нарекувајќи ја Северна Македонија, Македонија“,

рече грчкиот премиер, додавајќи дека со ова се игнорира „ерга омнес“ употребата на името. 

Тој упати критики до опозициската Сириза дека во моменти кога грчката надворешна политика зазема потврда позиција кон Скопје, тие бараат ратификација на меморандумите.

Претходно, како што пренесе МИА, лидерот на пратеничката група на Сириза, Сократис Фамелос, во својот говор истакна дека ратификацијата на меморандумите ќе ја унапредеше соработката, а земјата треба да го продлабочи Договорот од Преспа, бидејќи тоа им служи на националните интереси и на мирот.

Паралелно тој побара одговор од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дали ратификацијата на меморандумите е прашање од национален интерес.

„Во воведниот извештај на трите меморандуми што ги доставивме, министрите на Нова Демократија во 2020 година со нивните имиња потпишуваат фраза што вели ‘ратификацијата на меморандумите е прашање од национален интерес’. Прашувам, лажни се потписите или се од национален интерес, но сега ги замрзнувате?“,

рече лидерот на пратеничката група на Сириза во обраќањето до премиерот. 

Реакциите од грчка страна се интензивираа по инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, како и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.

Мицкоски денеска во својот говор во струшко Калишта, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, меѓу другото рече дека е интересно како една заклетва на претседателот на Републиката може да го сврти вниманието на целата грчка и европска јавност, а нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред Европската Унија повеќе од две и половина децении, со платени високи цени за влез, никако не се коментира, ниту е предмет на чиј било интерес.
Пронајдете не на следниве мрежи: