Преку Македонскиот Таен Револуционерен Комитет- Терористи до „Солунските Атентати“

Меѓународната констелација и односот на Големите сили кон Османлиската Империја кон крајот на XIX и почетокот на XX век директно бил почувствуван и во Македонија како дел од Империјата. Појавата на пропагандите од страна на соседните држави го разнебитувало македонскиот народ, влијаејќи до тој степен Македонците да се убиваат меѓу себе само затоа што едните се подржувачи на една, а другите на друга пропаганда. Надворешната политика која ја водела Османлиската империја очигледно била во погрешен правец и на нејзина огромна штета.По поразот во Руско – Турската војна од 1877-1878  империјата ја изгубила моќта и приматот на владетел на Балканот, овие нејзини слабости ги прикривала дозволувајќи на нејзино тло да се шири Европскиот капитал, а воедно таа станала и играчка во рацете на големите сили. Недостатоците на надворешен план Империјата ги покривала со стегање на ропскиот јарем околу вратот на поробените народи, ваквиот однос кон поданиците од страна на империјата  резултирала со појавата на револуционерното движење  на чие чело стоела македонската интелигенција која,  била свесна дека ослободувањето на Македонија можело да се постигне преку долгогодишни политички и материјални подготовки или подобро кажано преку свесна револуционерна акција на барем поголемиот дел од обесправениот и експлоатиран народ. Меѓутоа се појавиле и млади нестрпливи револуционери кои сметале дека индивидуалната револуционерна акција и саможртва можеле да ја  заменат големата народна жртва и на тој начин со помали човечки загуби да успеат да се изборат за слободата и да го спасат мнозинството од страдањата кои би дошле со востанието. Во 1897  во Женева како студенти се нашле повеке младинци од Македонија а меѓу кои Димитар Општински, Димитар Ганчев, Димо Николов,Григор Дочев и Јордан Колчев, Славе Мерџанов, Михаил Герџиков и Петар Манџуков. Изобилството од револуционерна литература и контактите со руски и  европски револуционери ја збогатило и созреало нивната идеа, која повеќе  не била  само младински импулс туку  прераснала во една сериозна организација која станала јадро и   апсорбирало повеќе истомисленици. Овие енергични сили  го создале  Македонскиот Таен Револуционерен Комитет  – МТРК. Со свој устав , програма , информатори, весници итн.  Имено тие започнале со издавањето на еден весник Отм’штение (Одмазда) со поднаслов: Орган на македонските револуционери-терористи

Целта на МТРК е искажана во Програмата а целта гласи „ Да ја скрши власта на тиранинот, да ги симне оковите од нозете на робот, да ги ослободи потиснатите измачени Македонци-ете за таква цел се бори Македонскиот таен револуционерен комитет“
Во Февруари 1897 комитетот издава Апел помеѓу македонската емиграција во Бугарија и тамошните дипломатски представници во самиот Апел се состоеле и делови од Програмата во која се барало:

Полна независност и најширока слобода за македонскиот народ да си создаде управа каква што сака
Комитетот нама да протежира ниту една народност во Македонија, туку ке се труди да ги организира во една целина за уривање на турската власт
Комитетот не дозволува при решавање на прашањето за иднината на Македонија никакво туѓо мешање …
Комитетот ги смета за непријатели не само турските власти, но и оние кои што на било каков начин му пречат на неговите работи и посредно или непосредно му нанесуваат штета на народот и на ослободителното дело мирното турско население не само што не се смета како непријател, ами  напротив

На крајот од програмата комитетот објавува дека сите шовинистички дејности во Македонија, било тоа да се Бугарски, Српски, Грчки или било кои други, нашите комитетски работници се должни да противдејствуваат, а самите носители на таа дејност ќе се сметаат за најголеми народни непријатели.

 
Уставот на МТРК
Уставот содржи 100 члена и во детали ги регулира правата и должностите на членовите. Основна должност на секој член била кога ке дојде моментот да го опаша ременот и да умре , ако треба , за Македонската слобода
Во Уставот на МТРК се истакнува дека МТРК треба во прв ред да ја подготви и доврши револуцијата во Македонија со сите можни средства за конечно ослободување на македонскиот народ и истовремено да работи за „неговото економско, класно разбудување“ е мошне убедливо сведоштво за рефлектирањето на социјалистичките идеи кај основачите на МТРК. За целосно посветување на ослободителното дело се бараше членовите на МТРК да бидат лишени од секакво чувство и помисла за сопственост и се’ што имаат („ум, сили, живот и имот“) да му припаѓа на Комитетот и на светиот револуционерен потфат. Во распоредбата на Уставот за можноста МТРК да се снабдува со финансиски средства – пари, употребувајќи начини што тој ги наоѓа за „најдобри и целесообразни“ е изразено во зачеточен вид сфаќањето што подоцна ќе се среќава во практиката на некои револуционерни дејци во Македонија да не се избегнуваат грабнувања и други насилни методи за доаѓање до пари за потребите на ослободителното дело или за извршување одредени покрупни акции.

МТРК имал крајно негативно мислење за улогата на македонската емиграција и   
зазема став дека ниту од далеку поробениот народ во Македонија не треба да смета на помошта од емиграцијата туку дека самиот народ треба да се засегне и да работи за неговата слобода исто така Комитетот не испуштил да ја спомене и улогата на македонската емиграција во политичкиот живот во бугарија, тие остро ја осудуваат оваа улога заземајки став дека македонската емиграција е само орудие во рацете на бугарската политика. Во однос на Црквата и Училиштата МТРК ги смета за пречка во ослободителното дело бидејки тие самите се оружјето со кое Пропагандите бугарска , српска и грчка ги користат за да ги остварат своите цели.
МТРК агитирал дека македонскиот народ не треба да се надева на никого во ослободителната борба , најмалку на соседните држави
Во однос на ослободување на македонија со помош на европските сили МТРК гледа на тоа како невозможно затоа што европа има свои релации и интереси во османлиската империја а кога станува збор за Русија како фактор за решавање на македонското прашање комитетот смета дека Русија има цел да отвори пат до Цариград наместо да ги вложува своите сили во ослободувањето на Македонија
Но и покрај незаинтересираноста на европа во врска со македонското прашање Комитетот не ја исклучува можноста за интервенција и притисок врз османлиската империја од страна на европските сили. Во Мај 1898 Петар Манџуков испраќа писмо до Константин Кирков во кое му вели :
„Нашиот несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците… Далеку позагрижувачки е поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека нашата должност во моментот е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде беспредметна. Чинам дека треба да сториме се, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода… македонскиот народ… не може да се ослободи со едно востание… Ние сакаме да жртвуваме сопствени, а не народни животи… Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири… и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на човекољубивата Европа… македонското прашање ќе може… да се реши само ако ние, водечките Македонци… постојано предизвикуваме безредици“
Со ова писмо се дава оценка за состојбата во Македонија, ставот за тоа како европа гледа на македонското прашање и како МТРК треба понатаму да делува за ослободителното дело.
Комитетот преку весниците Отм’штение, Глас и Политическа слобода многу често ја искажувал својата цел и ставовите во врска со ослободителното дело. Еден дел од членовите на комитет се одлучил за реализација на плановите да не остане се само на пишување и зборување Славе Мерџанов, Петар Манџуков и Петар Соколов и други уште во Женева се одлучиле за терористички акции во Турција. Сепак за да се остварат овие планови потребни се пари, но како? – со ждрепка бил извлечен Григор Дочев, кои требало да замине за Бугарија и да обезбеди пари. Обидите на Дочев биле крајно неуспешни поради тоа биле испратени Герџиков и Мерџанов, по првата средба со нив поради неисполнување на обврската и чувствувајќи грижа на совест Дочев се самоубива.
Герџиков и Мерџанов не престануваат со потрагата по пари по неколку разговори со Стефан Михов кои работел како поштенски службеник , го наговараат да фалсификуваат неколку чекови кои на организацијата ке и донесат околу 4 до 5 илјади лева со тие пари Манџуков и Мерџанов ке дојдат во Македонија, Манџуков оди за Скопје каде по извесно време е уапсен и задржан во затвор а С. Мерџанов оди за Солун, таму се среќава со велешанецот Јордан Шурков кои доста добро го познавал уште од Пловдив па преку него ке се запознае со велешката група која доста добро била воведена во револуционерните идеи, и тие сметале дека ослободувањето на Македонија може да се случи само ако на османлиската империја и се нанесе големи загуби преку терористички напади и дека со малку човечки жртви може да се постигне поголем ефект, средбата која ја имаат со Мерџанов а потоа и со Манџуков кои бил ослободен од затворот во Скопје, им дало голема надеж дека нивните идеи може да станат реалност. Неколкумина прилично млади велешани под влијание на С. Мерџанов во Солун го создале Гемиџискиот кружок кои извршил серија атентати врз значителни капитални објекти на Европските држави кои биле сместени во самиот град каде се создал кружокот. Овие атентати биле наменети врз странскиот капитал, а со тоа да се привлече вниманието на Европа за решавање на Македонското прашање. Во атентатите  немало големи човечки жртви, причинета била материјална штета. Во воздух била крената Отоман Банката потоа Францускиот патнички брод Гвадалкивир, урната била гасната централа која го осветлувала градот, уништени биле  водоводните цевки. Фрлале бомби пред хотелот Египет и пред Гранд хотел во Солун, ја бомбардирале кафеаната Ноја, го запалиле Бошњак – ан. Фрлени биле бомби и пред Топхането (турската државна управа во Солун). Како последици од нападите биле крвавите масакри низ градот Солун од страна на Османлиската војска и полиција, едноставно Македонците биле истребени од градот, апсење на голем број на граѓани и членови на Македонската револуционерна организација, но сепак странските весници на големо пишувале за овие настани во Македонија, за да се спречат масакрите врз македонското население во градот била потребна странска интервенција. Европа уште подобро сфатила во каква положба се наоѓал Македонскиот народ. Солунските атентати оставиле  белег во борбата за слобода на македонскиот народ и покрај катастрофалните последици, сепак ефектот кој бил посакуван се добил. Европа  видела на што се биле подготвени Македонците за да дојдат до посакуваната слобода.
Авторот на текстот е Дипломиран Историчар По поразот во Руско – Турската војна од 1877-1878  империјата ја изгубила моќта и приматот на владетел на Балканот, овие нејзини слабости ги п

Пронајдете не на следниве мрежи: