Чистачка не сака да ја напушти работата иако доби милион евра

Кинеска милионерка одби да ја напушти својата работа како чистачка од страв да не ги загуби работните навики и да им даде лош пример на своите деца. Откако речиси четири децении работи како земјоделец, готвач, возач на камион и чистачка на улици, 1,2 милиони евра би биле добра причина за пензија.
Сепак, 53-годишната Ју Јужен, има завидни работни навики. Пред пет години, земјата која ја поседувала во селото Донгу, во близина на Вухан, ја купила владата, а парите Ју ги вложила во недвижности.
Сега има 17 станови во вкупна вредност од 1,2 милиони евра, но не сака да престане да работи, пренесува The Telegraph.
Секој ден, таа ја облекува портокаловата униформа и чисти улици, за што месечно заработува 174 евра.
„Работата не е само платата која ја добивам. Работата ги фокусира луѓето. Мрзливоста создава лоши навики“, вели Ју.
Шефот на смена вели дека во 14 години, колку што Ју работи во градска чистота, само три дена побарала слободен работен ден, за да оди на некои погреби. До сега, не задоцнила на работа ниту еднаш.
Една од причините  зошто продолжува да работи е фактот што не сака нејзините деца да бидат мрзливи.
„Сакам да сум пример за моите деца. Не сакам цели денови да поминуваат дома и да ги трошат моите пари“, додава Ју.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: