142 години од раѓањето на Павел Шатев, истакнат македонски револуционер, анархист и прв министер за правосудство!

Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…

На денешен ден, 15 јуни во 1882 година во Кратово е роден македонскиор револуционер, анархист и прв Министер за правосудство по ослободувањето на Македонија во 1945 година.

Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.

Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата грандиозна акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Да слушне цела Европа, тоа е голема работа, да дознае стариот континент дека Македонија е сѐ уште поробена, но и тоа дека има луѓе кои крваво ќе се жртвуваат за својот народ, зашто и тој има право да живее – со оваа парола Гемиџиите го затресуваат Солун.        
Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.

Од Гемиџиите преживува само Шатев. Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.

Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.

Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател. Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година е професионален разузнавач за СССР. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Oбединета).

Во 1931 година се враќа во Бугарија.

Во ноември 1941 година е упасен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

Избран е за делегат на Првото заседание на АСНОМ и по капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран за потпреседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година потоа станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.

Шатев се спротивува на насилното србизирање на Македонија од страна на комунистите.

По судирот со СССР околу Резолуцијата на Инфорбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како потенцијален непријател на државата“, односно на Југославија. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан во неможни услови.

Истоштен од животот, а најмногу од доживеаниот очај, за кусо време се разболува и бидејќи не му било дозволено да се лекува, Шатев во 1951 година починува беспомошно.

Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Денес Академијата за судии и јавни обвинители го носи името Павел Шатев, во чест на истакнатиот македонски револуционер и прв министер за правосудтсво во ослободената Македонија.

Во продолжение, што мислеше Шатев:

Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и еконеомски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава… Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.