Српскиот државен врв единствен за Косово, СПЦ против државната политика

Loading...

Државниот врв на Србија потврди дека има целосна согласност и единствен став во водењето на политиката во однос на Косово, изјави во четвртокот премиерот Ивица Дачиќ.

Наспроти ова, во четвртокот Српската православна црква (СПЦ), се спротистави на државната политика кон поранешната српска покраина и побара од владата на премиерот Ивица Дачиќ и од претседателот на Србија, Томислав Николиќ да го одбие предлогот за интегрираното управување со граничните премините заедно со албанските власти во Приштина.
Премиерот Дачиќ за белградските медиуми потврдил дека постои политичка согласност на највисоко ниво, откако во средата навечер по враќањето од Брисел ги известил највисоките државни функционери за новата рунда преговори со косовскиот премиер Хашим Тачи по покровителство на високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон.
На состанокот во српската влада присуствувале и претседателот на државата Томислав Николиќ, претседателот на српскиот парламент Небојша Стефановиќ и шефот на владината канцеларија за Косово, Александар Вулин. Државниот врв на Србија, во четвртокот подоцна, за текот на дијалогот со Приштина, ќе ги запознае и претседатели на општините од северно Косово каде што доминира српското население.
Коментирајќи ги протестите на Србите од северните косовски општини и ситуацијата на линијата на разграничувањето меѓу Србија и Косово, премиерот Дачиќ за Радио-телевизија Србија по неговото враќање од Брисел изјави дека актуелната ситуација на премините со Косово „нема да се менува“ и оцени дека Србите немаат причина за протест. Истакна дека, доколку гаранциите за режимот на премините што ги добил во Брисел не бидат почитувани, „Србија истиот момент ќе го суспендира договорот“.
Коментирајќи ја средбата со косовскиот премиер Хашим Тачи, Дачиќ изјави дека „не станува збор за ништо ново“ имајќи предвид дека договорот за заеднички управување со премините е потпишан во февруари 2012 година, а новите српски власти кои се формираа ова лето се обврзаа дека ќе ги почитуваат сите договори коишто ги претходната влада на Србија.
„Да не се подигруваме со судбината на Србите од косово. Ги повикувам сите да не започнуваме битки коишто не можеме да ги добиеме“, нагласи српскиот премиер Дачиќ во разговорот за јавната телевизија.
Белградските медиуми пишуваат во исто време дека влијателната во општествениот живот во земјата Српска православна црква (СПЦ) остро се спротистави на политиката на државниот врв во однос на Косово и бара да се откаже од примената на заедничкото управување на премините, барајќи „државата да престане да учествува во самоубиството на земјата“.
„Од сегашната влада и Скупштината (парламентот на Србија -з.р.) се очекува наместо прифаќање ’интегрирано управување со границата’ да го преиспита сите договори на претходната влада за „премините’ кои не се потврдени во Скупштината“, се наведува во отвореното писмо на СПЦ што го пренесуваат во четвртокот белградските медиуми.
СПЦ, исто така, од државните институции бара, пред какви и да се идни преговори, да побараат од меѓународната заедница гаранции за враќање на илјадници прогонети од Косово, обновување на куќите и православните цркви, како и да се донесе закон за реституција на општествената и црковната сопственост на Косово.
Српскиот претседател Томислав Николиќ кој во јуни годинава победи на претседателските избори, досега трипати се состана со патријархот Иринеј и бараше од црквата поддршка за државната политика кон Косово,а  последната нивна средба беше во ноември. Николиќ, освен од СПЦ, поддршка во ноември бараше и од Српската академија на науките и уметностите (САНУ), меѓутоа директно и официјално не доби поддршка и од двете институции.
Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, во вторникот во Брисел соопшти дека со премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, дека е договорена пробна примена на договорот за интегрираното управување со граничните премини на два премина од 10-ти декември, а дека уште два премина ќе бидат отворени до крајот на годината. Двајцата премиери се согласиле и дека секој од нив ќе именува ткн офицер за врска на кои мисијата на ЕУ во Белград и во Приштина ќе им обезбеди простории за работа.
Српскиот премиер Дачиќ притоа изјави дека „премините нема да бидат нови граници“, како и дека не станува збор за никакви дипломатско претставништво, додека косовскиот премиер Тачи на посебна прес-конференција најави дека за офицер за врска во Белград наскоро ќе именува „еден од најдобрите амбасадори од Косово“. Сепак, Тачи потврди дека на премините нема да има државни симболи на ниедна земја.
Станува збор за тоа што Белград и Приштина различно ги толкуваат постигнатите договори, па косовската страна наведува дека меѓу Косово и Србија ќе има граница „ако и секоја друга меѓудржавна граница“, додека српската страна постојано инсистира дека станува збор за „административни премини“. Европската унија, пак, во својата и интерпретација на договорот сака да им оди на рака и на двете страни и да им овозможи секоја на свој начин да го толкува договорот, што е според неа е овозможено со користењето на англискиот акроним IBM (Integrated Border/Boundary Management), што за Србите е „boundary“ – административен премин, додека за Албанците од Косово е „border” – граница.
Косовскиот премиер Хашим Тачи потврди дека веќе формирал мултиетничка специјална полициска единица во рамките на косовската полиција чија задача би била ги заштити верското и културното наследство, како и дека и двете страни се согласиле и дека ќе обезбедат транспарентно проток на парите за поддршка на српските заедници на Косово. По иницијалните разговори на техничко ниво, премиерите се договориле продолжување на соработката во областа на енергетиката и телекомуникации на ниво на експерти, а договорено е јакнење на соработката на комисијата за исчезнатите лица, како одржување нов состанок на 17-ти јануари.

Макфакс

loading...
Loading...