Бугарија и Грција соработуваат против Македонците

Се надевам дека наскоро ќе може да се регистрираат македонски организации во Бугарија. Досега не е регистрирана ниту една! Последната одлука на Комитетот на министрите е насочена во оваа насока, вели претседателот на ОМО Илинден-Пирин.Суштината на спорот меѓу Бугарија и Македонија и на договорот за добрососедство е токму непризнавањето на ОМО Илинден-Пирин и на македонското малцинство. Третманот на Македонците во Бугарија не е билатерално прашање меѓу двете земји, туку е проблем за негирање на основните човекови права, вели во интервју за Телеграф.мк Стојко Стојков, претседател на нерегистрираната партија ОМО Илинден-Пирин.
Тој вели дека Бугарија не може вечно да го игнорира ова прашање и дека полека се стеснува кругот, по што ќе мора да признаат дека во земјата живеат Македонци.
 Деновиве е актуелна темата околу Комитетот на министри на Советот на Европа кој се очекува сериозно да ја притисне Бугарија да ја регистрира ОМО Илинден-Пирин. Очекувате ли властите во Софија да дозволат партија на Македонците?
– Партија сега за сега не. Но се надевам дека наскоро ќе може да се регистрираат македонски организации. Досега не е регистрирана ниту една! Последната одлука на Комитетот на министрите е насочена во оваа насока.
 Кои се причините за тоа? Власта постојано повторува дека проблемот е правен, а не политички и дека вие, всушност, намерно не сакате да се регистрирате за да имате што да зборувате во јавноста?
– Причината е проста – негирањето на македонското малцинство во Бугарија, кое е дел од поголемиот проблем на негирањето на постоењето на македонската нација. Штом малцинство не постои, не би требало да има ни македонски организации. Властите во Бугарија едноставно се трудат на сите можни начини да ги остават Македонците во Бугарија надвор од општествениот живот и од политичките дебати. Проблемот е политички и идеолошки, а е правен само ако е во прашање дискриминација. ОМО Илинден-Пирин ги собра неопходните потписи за партија, собра дури повеќе од неопходното – 6.000, но сепак не беше регистрирана. Членовите трипати беа викани во полиција и заплашувани. Дека проблемот не е во некакви потписи, се гледа несомнено и од фактот дека не се регистрираат ни организации, а за нив се потребни само 6 члена. Тоа што само во последните две-три години десет македонски организации се обиделе да се регистрираат јасно зборува дали Македонците во Бугарија сакаат регистрација или не. Фактот што сите обиди без исклучок се одбиени од државата недвосмислено покажува кој не сака да има регистрирани македонски организации.

Тешко ли е да се биде Македонец во Бугарија?
– Во Бугарија во моментов е тешко да се биде сè освен мафијаш. Но да се биде Македонец, се смета уште и за понижувачко. Да изјавиш гласно дека си Македонец е еднакво на тоа да бидеш репресиран.
 Сметате ли дека постои некаков таен договор помеѓу Бугарија и Грција за третманот на македонското малцинство во овие земји?
– Меѓу Бугарија и Грција постои тесна соработка против Македонците. Тоа се однесува не само на кординирани дејствија против евроинтеграцијата на Македонија туку и на соработка против македонските малцинства, при што двете земји си помагаат. Го почувствувавме тоа на свој грб. Грчките претставници секогаш ја поддржуваат Бугарија во Комитетот на министрите и во други меѓународни тела против барањата на македонското малцинство за права. Пример за тоа беше и конфискувањето на предизборните материјали на „Виножито“, што беше извршено од бугарските власти, кои ги задржаа додека не поминаа изборите во Грција.
 Бугарија бара од Македонија да се потпише договор за добрососедство во кој една од точките е и македонското малцинство. Кое е Вашето мислење за договорот?
– Бугарија инсистира Македонија да се откаже да го заштитува македонското малцинство, без притоа да преземе обврска да се откаже од заштитата на луѓето со бугарска самосвест во Македонија. Самото тоа барање е признание дека Бугарија го дискриминира македонското малцинство. Но Бугарија многу се лаже во своите сметки. Положбата на Македонците во Бугарија не е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија. Нашето негирање е проблем на човековите права и како такво е фундаментално и универзално, а не билатерално и не може да се ограничи со никаков двостран договор. Бугарија неизбежно ќе се обиде да ја искористи својата надмоќна моментна позиција за да ја уцени Македонија со нерамноправен договор. Проблемот меѓу Бугарија и Македонија е токму во бугарското негирање на македонската нација и малцинство и според тоа, проблемот не е меѓу двете држави, туку е внатре во Бугарија и таму треба да се реши. Признавањето на македонското малцинство, кон што е насочена нашата борба, во таа смисла може да ги реши и проблемите меѓу двете земји.
ИЗВОР: Телеграф.мкСуштината на спорот меѓу Бугарија и Македонија и на договорот за добрососедство е токму непризнавањето на ОМО Илинден-Пирин и на македонското малци

Пронајдете не на следниве мрежи: