Членство во Нато но, не по цена на името !

Loading...

61,5 проценти од граѓаните на Македонија се за членство на земјата во НАТО, но тој процент се намалува доколку за тоа е условен прием со регеренцата ПЈРМ или прием со промена не името. Она што е интересно во ова анкета на МКД.мк спроведена во соработка со агенцијата Брима, е дека идејата за неутралност на Македонија, подеднакво е прифатлива и за Македонците и за Албанците.
 
  
 
Кога прашањето ќе го поставите за прием во НАТО под референцата ПЈРМ, поддршката опаѓа – 34,9 отсто од анкетираните се за, а против се 41,9%. Против секакво зачленување во НАТО се 10,8 отсто. И тука голема е разликата кога ја гледате етничката припадност на анкетираните граѓани – Албанците немаат никаков проблем со тоа (73,5 %), а кај Македонците тој процент е 18,6 отсто.
 
Генерално, за политиката на евроинтегративните приоритети на македонските политичари се 50,9 отсто од испитаниците, а против 30,1%. Кај албанските граѓани на Македонија таа поддршка е 65,6%, а кај македонските 36,4%.
 
Кога зборуваме за разговорите за името и дали тие стануваат веќе бесмислени, со оваа оценка се согласуваат 49,7, за продолжување на разговорите сѐ до наоѓање решение се 36,9 отсто од испитаниците. Во однос на оценката на бесмисленоста на овие разговори, оценките се приближуваат кога станува збор за етничката припадност на анкетираните граѓани – 55,7% Македонци и 40,4% Албанци. За продолжување на разговорите се 31,1% Македонци и 46,7% Албанци.
 
Разликата во одговорите според етничката припадност е изразена и во одговорите на прашањето „дали би поддржале или не би го поддржале предлогот Република Македонија да ја прифати политиката на неутралност“. Потврдно одговориле 42,5 %, а против 25,9%. Од Македонците потврдно одговориле 35,4%, а од Албанците 62,1% (против оваа идеја се 40,9% од Македонците и 16,1 од Албанците, а висок е процентот на одговор „не знам“ – кај Македонците 30% и кај Албанците 20,7%).

Ова истражување на 1.210 анкетирани граѓани Брима го спроведе од 25 ноември до 2 декември. Од анкетираните со средно образование беа 24,4%, со средно 53,9% и повисоко 21,7%. Од 1.210 анкетирани 63,4 отсто беа Македонци, 25,9 Албанци и 10,7 % други. Во руралниот дел од Македонија живеат 42,3 отсто од испитаниците, а во урбаниот 57,7 %. Истражувањето е спроведено со теренска анкета лицe в лице во домот на испитаникот.
Резултатите од ова истражување се добиени во рамките на редовниот Омнибус на Брима.
Примерокот на истражувањето е национално репрезентативен (според полот, возраста, националната припадност и местото на живеење во сите 8 региони во Македонија) за популацијата на возраст од над 15 години. Можноста за грешка изнесува +/- 2.82% со ниво на доверба од 95%.
Во мај 2016 година во слична ваква анкета против членството на Македонија во НАТО под референцата ПЈРМ, 54,8 отсто од граѓаните беа против тоа. 
 

loading...