Државниот архив на Република Македонија ќе биде домаќин на Состанокот на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет

Државниот архив на Република Македонија на 27 и 28 март 2017 година ќе биде домаќин и организатор на Состанокот на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет (European Regional Branch of the International Council on Archives – EURBICA).На Состанокот ќе присуствуваат сите негови членови, како и Претседателот на Меѓународниот архивски совет, г-дин Дејвид Фрикер, кој што е и директор на Националниот архив на Австралија.
Директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Филип Петровски е еден од седумте нови членови на Извршниот одбор на Еурбика, а воедно и негов заменик претседател. Останатите членови на Извршниот одбор на Европскиот регионален огранок на Меѓународниот архивски совет се од Белгија, Велика Британија, Малта, Хрватска и Франција.
На Состанок ќе се дискутира за повеќе прашања што се однесуваат напонатамошното функционирање на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет и за неговите идни проекти, а на вториот ден од Состанокотсе поканети и веќе го потврдија присуството, повеќе директори на национални архиви од југоисточна Европа, со цел да се дискутира за актуелните проблеми на архивите во регионот и нивното активно инволвирање во мрежата на Еурбика, односно Меѓународниот архивски совет.
Меѓународниот архивски совет ги обединува архивите од целиот свет. Седиштето на Советот е во Париз, Франција, а неговата работа е во согласност со францускиот правен систем.
Меѓународниот архивски совет е формиран на 9 јуни 1948 година, ден што денес е прифатен како Меѓународен ден на архивите, а Советот брои околу 1400 членови од повеќе од 190 држави во светот.
Државниот архив на Република Македонија е член на Меѓународниот архивски совет од 1992 година, а подоцна со формирањето на Европскиот регионален огранок станува и негов член.
Работата на Меѓународниот архивски совет се темели на принципите на транспарентност, демократија, одговорност и независност од политичките процеси и влијанија, а неговата мисија е да ја унапредува заштитата, користењето и достапноста на архивските документи во целиот свет.
Состанокот ќе се одржи во просториите на „Порта Македонија“, на 27 март (од 14:00 до 17:00 часот) и на 28 март (од 10:00 до 13:00 часот).
Заинтересираните медиуми ќе може да добијат изјави од учесниците на Состанокот, пред самиот почеток на истиот.

Пронајдете не на следниве мрежи: