ИНТЕРВЈУ СО НЕПОВТОРЛИВИТЕ „БУЛСЕЧУЛ“: Откријте која македонска песна им остави длабок впечаток!

„Булсечул“ е осумчлен ансамбл кој ја надоградува традиционалната корејска музика на уникатен начин – давајќи ѝ нов и модерен звук. Овој ансамбл вечерва ќе ја угости македонската публика на „Деновите на корејската култура во Скопје“, организирани од Амбасадата на Република Кореја во Бугарија.Нивната музика прозилегува од звукот на традиционалните корејски инструменти: кајагеум, геомунго, тегеум, прир, хегеум, адженг, јангу.
Имавме прилика да поразговараме со Јонга Ким, кој срдечно ни одговори на прашањата и откри која македонска традиционална песна му остави длабок впечаток!
Како дојде до идејата да се оформи „Булсечул“ и колку овој уникатен ансамбл успеа да еволуира од времето на неговото создавање до денес?
Приказната е малку долга, но ќе се потрудам да го издвојам главното. Прво, името „Булсечул“ значи „необично“ и нешто што многу тешко се појавува во овој свет, уникатно. Овој ансамбл го создадовме заедно со моите пријатели од факултет. Секој од нас има свирено на посебен традиционален инструмент и нашите почетоци беа навистина скромни. Започнавме да твориме не со цел за да стекнеме популарност, туку едноставно сакавме нашата заедничка страст кон корејската традиционална музика да ја одржиме преку свирењето на традиционалните музички инструменти и секако, подобро да научиме да свириме на нив, односно да се усовршиме.
Во еден момент одлучивме да одбереме една традиционална песна и да ѝ додадеме модерен звук. Кога одлучивме да се појавиме на сцена, забележавме дека публиката позитивно реагираше на нашиот труд. Потоа одлучивме да направиме и втора песна, трета… ете, сега веќе 9 години се занимаваме со создавање и промовирање на корејската традиционална музика. Не се трудевме многу да размислуваме, едноставно сакавме ја надоградиме корејската музика.

Интересен факт е дека музиката во Кореја се дели на „гугак“ која ја претставува традиционалната корејска музика и „јангак“, која тежи кон творење во стилот на западната музика. Дали овој ансамбл е како мост кој ги поврзува овие два правци?
Скромно речено, повеќе сакам да размислувам дека ние на некој начин само се обидуваме да твориме врз основа на традиционалната корејска музика. Едноставно, традиционалната музика е основата на нашето творење и ние сакаме на што е можно подобар начин да ја доближиме до публиката за да може полесно да ја разбере. Сакаме да создаваме и нашиот правец се базира само кон надоградување на нашето творештво кое се базира на традиционалниот корејски звук.
Секој од традиционалните инструменти на коишто свириме има свој посебен звук, но понекогаш знаеме и во нашите настапи да свириме на гитара. Сакаме да ги хармонизираме звуците и да ги прилагодиме на слухот на публиката.
Со оглед на тоа дека веќе имате имате вметнато свирење на гитара како дел од вашите концерти, дали може да се очекува и дека некој друг современ инструмент ќе може лесно да се вклопи со традиционалниот звук на Кореја?
Да бидем искрен, гитарата не ја одбравме од посебен интерес за да внесеме нов звук. Едноставно, член на ансамблот е гитарист и композитор. Тој навистина одлично компонира песни и затоа секогаш внесува куп идеи од кои некои перфектно се вклопуваат во звукот на традиционалните песни. Сакавме да експериментираме и одлучивме во неколку песни да го имплементираме звукот на гитарата. Сосема неочекувано, добивме одличен резултат!

Но, тоа толку одлично звучи!
Ти благодарам многу, искрените комплименти многу ни значат да се развиваме понатаму како ансамбл. Да се надоврзам. Со гитарата сосема случајно дојде до реализација на неколку идеи, а за понатаму не можам со сигурност да кажам дали ќе си дозволиме похрабри експериментирања со музиката (се смее).
Дали би можеле да ја удостоите македонската публика со концерт во иднина?
Ова ни е последен настап за оваа година на „Денови на корејската култура“ во земјава, но се надевам и дека не е последен во Македонија. Во зимскиот период немаме многу настапи ниту во Кореја и обично го користиме тој период за да создаваме нови песни.

Значи може да очекуваме „Булсечул“ да ги видиме во уште подобро издание во иднина?
О, да секако. Само да додадам, во рамките на програмата на „Денови на корејската култура“, ќе свири една ваша традиционална македонска песна „Зајко кокорајко“. Ми беше интересно кога ја слушнав песната и се замислив. Успеав да пронајдам сличности со корејската народна музика. Навистина ми се допадна. Како музичар, успеав да најдам заеднички црти со таа песна и нашата.
Навистина би сакал да дојдете и да видите колку се трудиме, а секако и македонската публика да слушне како звучи изворниот корејски звук кој на наш својствен начин се обидуваме да ѝ го пренесеме на публиката.
Подготви: Ирина Анчевска
Фотографии: Николина СлавковскаНивната музика прозилегува од звукот на традиционалните корејски инструменти: кајагеум, геомунго, тегеум, прир, хегеум, адженг, јангу.
Имав

Пронајдете не на следниве мрежи: