Инвестиции за стимулирање на регионалниот развој

Влезот на странски инвестиции во Македонија го трасираше патот за порамномерен регионален развој во земјава. Отворањето фабрики и нови работни места, подобрувањето на инфраструктурната поврзаност и подигнувањето на животниот стандард се клучни за постигнување на оваа цел, пишува Лидер.Податоците на Државниот завод за статистика сè уште покажуваат големи диспаритети меѓу различните региони во земјава, но сликата веќе почна да се менува. Лидер прави преглед на сликата во осумте региони во земјава.
Регионална карта на Македонија
Македонија е поделена на осум статистички региони: Скопски, Североисточен, Полошки, Пелагониски, Југоисточен, Југозападен, Источен и Вардарски регион. Диспропорциите се евидентни, особено кога е во прашање територијалната распределба на населението.
На пример, Скопскиот регион има десет пати поголема густина на населеност од Вардарски регион, а постојат и големи разлики кога е во прашање возраста на популацијата. Па така, најголемо учество на младото население има во Скопскиот, Полошкиот и во Североисточниот регион, а најголемо учество на старото население (над 65 години) има во Пелагонискиот, Вардарскиот и во Источниот регион. Во овие три региони, бројот на умрените го надминува бројот на родените.
Вардарскиот регион го зафаќа централниот дел на Македонија. Се простира на површина од 16,2% од територијата на земјава, но е и најретко населен со 37,9 жители на квадратен километар. Само 7,4% од вкупното население живее во Вардарскиот регион.
За разлика од Вардарскиот, Полошкиот регион е еден од најгусто населените со 132,4 жители на квадратен километар. Па така, иако овој регион се простира на површина од само 9,7% од територијата на Македонија, сепак во вкупното население учествува со 15,5%.
Источниот регион на земјава зафаќа 14,2% од територијата на Македонија, но учествува со 8,6% во вкупниот број на население. Овде густината на населеност е нешто подобра, 50,1 жители на квадратен километар.
Нешто поразлична е сликата на крајниот југозапад. Во овој регион има 65,8 жители на квадратен километар, па иако се простира на површина од 13,4%, во вкупното население учествува со 10,6%.
Југоисточниот регион го опфаќа потегот Струмица – Радовиш и Гевгелија – Валандово. Се простора на површина од 10,9% од вкупната територија, но учествува со 8,4% во вкупното население. Карактеристично за овој регион е што во него има највисока стапка на вработеност во однос на другите региони.
Најголем регион во земјава е Пелагонискиот. Се простира на површина од 18,9% од вкупната територија на Македонија. Сепак, овој регион е и еден од најретко населените, со густина на населеност од 49 жители на квадратен километар. Во него живеат 11,2% од вкупното население.
Североисточниот регион е еден од најмалите, зафаќа 9,3% од вкупната површина на Македонија, со мала густина на население од 76,3 жители на квадратен километар и учество во вкупното население од 8,5%. Североисточниот е еден од најзагрозените во социоекономска смисла. Во него е регистрирана најниската стапка на вработеност во однос на другите региони, а во вкупниот БДП на земјава учествува со само 5,3%.
Меѓу овој регион и Скопскиот постојат огромни разлики. Скопскиот се карактеризира со најголем БДП по жител, а во вкупниот БДП на земјава учествува со над 42%. Можеби најдобрата слика за регионалниот развој се стекнува со податокот дека Скопскиот регион е најмал по површина и зафаќа само 7,3%, но е и најнаселен – речиси 30% од вкупното населението е во овој регион. Густината изнесува 341,6 жители на квадратен километар.
Дисперзираност на странските инвестиции
Во однос на странските инвестиции се постигна дисперзираност. Се отворија фабрики во различни градови. „Дрекселмајер“ во Кавадарци веќе вработува над 5.500 луѓе, „Кромберг и Шуберт“ во Битола ја натфрли бројката од 3 илјади, во Прилеп се отвори фабриката на американската компанија „Гентерм“, КСС инвестираше во Кичево, „Маркард“ во Велес, „Стил Кон“ во Старо Нагоричане, „Антура“ и „Анфенол“ влегоа во Кочани, „ОДВ Електрик“ во Охрид, повеќе компании се решија за зоните во Скопје и Штип.
„Многу е важно што компаниите кои инвестираат не се фокусираат само во Скопје, туку во повеќе градови, а тоа овозможува младите да се задржат тука. Инвестирањето на странските компании многу влијае за намалување на невработеноста, а со намалувањето на невработеноста доаѓа зголемувањето на платите“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
„Работниците земаат плата, одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Оттука, позитивните ефекти не се само во непосредните вработувања. Затоа, јас се надевам и очекувам, овие странски инвестиции да имаат многу позитивно и значително влијание врз регионалниот развој“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Големи вложувања во инфраструктурата
Подобрувањето на инфраструктурата е исто така еден од клучните фактори за порамномерен регионален развој. Во овој момент се градат три нови автопати: Демир Капија – Смоквица, Кичево – Охрид и Миладиновце – Штип, се реконструираат автопатски делници на Коридорот 10, а во план се уште три нови автопати: Гостивар – Кичево, Скопје – Блаце и Требеништа – Струга.
Се инвестира и во нови експресни патишта. Веќе се работи на делницата Градско – Прилеп, се направи Велес – Кадрифаково, ќе се гради и на потегот Штип – Радовиш, Штип – Кочани, во план се Охрид – Пештани и Ранковце – Крива Паланка. Се вложува и во регионални и локални патни правци, што значително ќе ја подобри поврзаноста меѓу населението во земјава.
„Источна Македонија добива модерни патишта со што се очекува да дојдат повеќе инвеститори, народот полесно ќе патува до главниот град, ќе се подобрат комуникацијата и безбедноста“ – вели градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.
Нови проекти за рамномерен развој
ВМРО-ДПМНЕ излезе до два проекта кои треба да донесат подинамичен локален економски развој. Проектот „Рурални развојни зони“ предвидува даночни и други ослободувања, како и директна финансиска помош за отворање работни места во руралните места. Проектот „Од град во село за нов почеток“ ги покрива трошоците за купување, реновирање или изградба на куќа во руралните средини, а се даваат и пари за реализација на земјоделски инвестиции.
„Овие мерки сигурно дека ќе придонесат за натамошен развој на руралните средини, а посебно за развој на селските средини“ – вели деканот на Земјоделскиот факултет, Драги Димитриевски.Податоците на Државниот завод за статистика сè уште покажуваат големи диспаритети меѓу различните региони во земјава, но сликата веќе почна

Пронајдете не на следниве мрежи: