Излезе во печат првиот том од книгата „Македонска книжевна критика и есеистика“ од Стана Атанасовска

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје деновиве го објави првиот том од публикацијата „Македонска книжевна критика и есеистика“ од авторката Стана Атанасовска. Оваа книга е резултат на обемно специјалистичко библиографско истражување со примена на меѓународните стандарди за библиографски опис и има за цел во два тома да опфати релевантни референци за македонската критика и есеистика во последниве три децении.Во првиот том што содржи библиографски информации за периодот од 1983 до 1999 година се опфатени автори кои ги имаат поставено цврстите темели на македонската критика и есеистика и имаат дадено значаен придонес за афирмирање на книжевно-уметничките вредности на делата кои оставиле траен белег во поезијата, прозата и драмата.
Покрај имињата на критичарите, есеисти и проучувачи на македонската книжевност како што се Георги Старделов, Милан Ѓурчинов, Александар Спасов, Миодраг Друговац, Слободан Мицковиќ, Душко Наневски, Христо Георгиевски, Данило Коцевски и други, исто така значајно место во македонскиот критичко-есеистички корпус заземаат и критичките согледувања и есеи на истакнатите македонски поети и прозаисти: Блаже Конески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников, Тодор Чаловски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски и Венко Андоновски како афирматори на книжевните остварувања на македонските автори. Во двата тома кои се предвидени за издавање се опфатени информации за критички и есеистички текстови и од претставниците на помладата генерација автори кои почнале да објавуваат по осамостојувањето на Република Македонија како: Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Весна Мојсова-Чепишевска, Лидија Капушевска-Дракулевска, Владимир Мартиновски, Јовица Тасевски-Етернијан, Виолета Мартиновска и други претставници од сите генерации што воспоставиле критичарски континуитет во македонската критика и есеистика.
Оваа публикација покажува дека за македонската книжевност пројавиле интерес и за нејзина афирмација придонеле и познати литературни критичари и универзитетски професори од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Романија и од други држави кои се застапени во овој труд со критики, есеи, студии и монографски дела што се однесуваат на македонската литература, како: Радомир Ивановиќ, Мирољуб Стојановиќ, Думитру М. Јон, Златко Крамариќ и други.
„Македонската книжевна критика и есеистика“ е специјална библиографија што опфаќа стотина автори кои со своите студии, критики и есеи ги искажуваат книжевните ставови за вредностите на делата на: Коста Солев Рацин, Блаже Конески, Живко Чинго, Коле Чашуле, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Владо Малевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Јован Котески, Стале Попов, Матеја Матевски и др., а истовремено македонските критичари и есеисти му приопштуваат на македонскиот читател да се запознае со културите на другите држави со своите студии за вредностите на делата на: Фредерико Гарсија Лорка, Осип Мандељштам, Џорџ Орвел, Хусто Хорхе Падрон, Ференц Јухас, Данило Киш, Рајнер Марија Рилке, Хуан Рамон Хименез и многу други.
Ова обемно дело на Стана Атанасовска содржи предговор од еминентниот македонски поет и критичар, Раде Силјан, опфаќа повеќе илјади референци, проследени се над 300 монографски публикации, прикажани хронолошки со азбучен принцип на подреденост, а со цел да ја олесни работата на сите истражувачи и проучувачи на македонската книжевност, почнувајќи од студентите, магистрантите и докторантите, па сѐ до научните работници, содржи и регистри на автори и изворници на аналитички обработени монографски публикации.
Стана Атанасовска е виш библиотекар во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Составувач и редактор е на бројни библиографски изданија (библиографии, прегледи, каталози), како и координатор на значајни проекти кои се реализирани од страна на оваа врвна институција од областа на библиотекарството во Македонија. Во 2013 година во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“ излезе од печат и книгата „Паралели: книжевници во Националната и универзитетска библиотека ’Св. Климент Охридски’ – Скопје“ од Стана Атанасовска.Во првиот том што содржи библиографски информации за периодот од 1983 до 1999 година се опфатени автори кои ги имаат поставено цврстите темели

Пронајдете не на следниве мрежи: