Ќе има ли договор со Бугарија на македонски јазик?

Вистинскиот „патоказ“ на Заев стигна не го испорача Хан туку Атина, заеднички бугарско-грчки став дека нема интеграции со македонски идентитет. Договорот со Бугарија се крие исто како и Законот за јазиците, а Македонија го чека август како месец на апсурди. Дали до тогаш Македонците ќе ги надминат последиците од деценискиот неуспех да се изгради единствен став за македонските национални интереси?Десетина дена по влетувањето на Зоран Заев во Софија без никаква претходна подготвеност, а во еуфоријата од пофалбите од Брисел дека тој е црпнат за да ги реши сите „македонски проблеми“ во регионот, станува јасно дека и да се потпише, а уште повеќе ако не се потпише договорот за добрососедство, македонско-бугарските односи реално ќе паднат под дебел мраз. Тоа е сосема спротивно од посакуваниот ефект, ако воопшто и постои искреност за нормализирање на односите, првенствено во согласност со универзалната декларација за човекови права, а потоа и од европските вредности за почитување на различностите и Европа како унија на посебни култури.
Кој ли ќе е потоа виновен, но и кој и како потоа ќе ги надминува нарушените македонско- бугарски односи, кон што водат сите Заеви скандали понесени на прозападните крила на Бујар Османи и Никола Димитров? Заев од Бугарија пред Бојко Борисов оцени дека „досега односите се заладуваа исклучиво од политички причини“, а од нив дел тој отстранил. Заев сега не само што молчи за искажаните небулози за македонската историја и за македонскиот јазик, па и уште повеќе, не открива на кои тоа „политички причини“ мислеше кога зборуваше во Софија и што тоа тој отстранил како пречка од текстот во договорот кој е заглавен со години во бугарската обланда за непризнавање на македонската посебност.
Доколку Заевиот тим прифати договор во кој ќе бидат содржани истите спорните точки заради кои и досега не беше потпишан, а и денес јавноста гласно негодува, дури тогаш ќе се предизвика бура која не само што ќе ги залади односите туку и ќе ги врати со децении наназад. Кон креирање на таква атмосфера секако најмногу придонесува молкот на Заев, кој сѐ уште креира слика на тајност, а информациите се добиваат на лажичка само од бугарските медиуми. Заев молчи и зошто изготвениот текст на договорот не го потпиша во Софија, и покрај бројните пофалби за тоа како бил изработен. Ако се потпише договор без претходно тој да ѝ биде прикажан на македонската јавност, залудни ќе бидат обидите и на Заев и на бугарските, па и европски стратези да се објаснуваат придобивките од „просперитетот“ што тој договор би го донел. Зад просперитетот се кријат сите досегашни антимакедонски ставови, како што вели бугарскиот експерт за меѓународна безбедност Андреј Врабчев, нагласувањето на „просперитетот“ како идеал ќе ги покрие основните гледишта дека „народот во Македонија е изгубен и не знаат кои се“, а кон тоа се надоврзуваат и тезите кои сега ги повторува и поранешниот бугарски амбасадор во Македонија Александар Јорданов за „народ со бугарски корени создаден од Коминтерната“. Договор со таква заднина и стратегија не само што нема да функционира, туку спротивно од добрососедство, ќе дигне уште повисоки ѕидови меѓу двата народи.
Од друга страна, без намера да се потенцира неговата склоност за менување на ставовите и создавањето на конфузија со различните изјави, чисто од практична гледна точка на функцијата која ја носи, некој треба да му посочува на Заев на дневна основа дека за разлика од претходно, сега секој негов збор соседството му го зема здраво за готово. Спротивно на залетот во Софија со одговорите за ревидирање на учебниците и бришење на историските факти по список од Бугарија, Заев од македонскиот парламент и самиот се посомнева во можноста договорот да биде потпишан во август. Оттука, по сета слава и ловорики кои Борисов ги понесе во Бугарија по посетата на Заев на Софија со сета сценска изведба на поклонението пред „царот на Бугарија“ заедно со официјални претставници на македонската дипломатија и на македонската култура, сега истиот тој Борисов по никоја цена не би прифатил да му дојде на Заев на Мечкин Камен како гостин, а не како кодомаќин на прославата на Илинденското востание. И повторно, резултатот ќе е ист; договор нема да има, а Софија ќе тргне со нов засилен антимакедонски почетен момент во барањето добрососедство.
Но, Заев најмалку размислува долгорочно. Дури и тоа што го зборува во Софија го третираат како негов обид за смирување на страстите „по дома“. Бугарската вицепремиерка Екатерина Захариева дури и „го жали“ дека „воопшто не му е лесно“. Од нејзин аспект работата е завршена: Заев ставен пред свршен чин декларативно ги прифати новите „бугарски црвени линии“ за ревидирана историја и непризнавање на македонскиот јазик. Формулацијата на Захариева дека Софија ги признава државата и нејзиниот устав, отвора, пак, нови можности за апсурдни ситуации, особено за тоа што ќе значи „јазик според Уставот“.
Август – месец за двојазичност и добрососедство
Иако Заев до скоро најавуваше брза интеграција, сега се добива вистинската слика, дека тој може да се надева само на препорака од ЕК која нема да биде условена. Парадирањето на Заев со еврокомесарот Јоханес Хан веројатно ќе им ја скрати на политичките партии воспоставената практика за колективен одмор во август. „Република“ веќе најави дека сега Брисел и Заев ќе креираат слика за некакви реформски зафати, а кои веќе се донесени во согласност со европските препораки, за да е прикаже наводна брза проевропска ориентација. Сега по посетата на Хан тој сценски перформанс доби и име „Патоказ за реализација на итните реформски приоритети“. Всушност, овој „Патоказ“ треба да го крене Заев до реформаторските ѕвезди на европската сцена за да може да се затскријат зафати кои заради нивната штетност ќе предизвикаат големи реакции во земјата.
Прво, тука е Договорот за добрососедство со Бугарија и формулациите за македонскиот јазик, ревидирање на македонската историја и секако откажување од врските со македонскиот народ од соседството. Притоа, македонското откажување ќе биде ексклузивно, односно ќе важи само за македонската страна од договорот. Но, втората замка уште повеќе ова лето може да го претвори во вистински политички пекол. Законот за употреба на јазиците, и неговиот текст, кој исто како и договорот со Бугарија, Заев го држи во тајност. Познато е дека се работи за закон кој произлезе од Тиранската платформа, од која нема откажување.
Според медиумите на албански јазик залудни биле апелите на Хан Законот за јазици да биде одложен за да се концентрираат силите кон „реформите“, всушност кон договорите со Бугарија и потоа со Грција. Партиите кои насила беа втурнати во владината коалиција нема да го испуштат моментот да профитираат од овој „воз“ на којшто ги качи Заев. Така, Законот за употреба на јазиците, под плаштот „Затворање на легислативниот дел на Рамковниот договор“ е ставен како приоритет кој треба да се исполни до август.
Знаејќи ја напрегнатоста меѓу албанските политички субјекти во Македонија, но и напрегнатоста која владее и меѓу нив со партијата на Заев како носител на коалицијата, не ни можеше Хан да очекува Али Ахмети или Зијадин Села да се откажат од можноста да поентираат кај гласачите македонски Албанци, наспроти обвинувањата од Беса дека Ахмети повторно е само декор, но и наспроти Заев, кој најави нов лов на гласови на локалните избори.
Ваквата поставеност на позициите во коалицијата не би изненадило ако изроди и инсистирање, како показател на функционирањето на двојазичноста во државата, договорот со Бугарија да биде потпишан и на албански јазик. Доколку не прифати, Заев би се ставил во опасност од напади и обвинувања дека го обесправува користењето на албанскиот јазик во службени документи, што, секако, би ги влошило односите во коалицијата.
Така, Македонија и по најавите на Заев дека бугарски премиер ќе потпише документ на македонски јазик, што би значело и признавање на јазикот, би се довела до хипотетички апсурдна техничка ситуација во која во договорот би бил потпишан во четири верзии на документот – на бугарски јазик, на англиски, албански и на „јазик во согласност со Уставот на Република Македонија“. Или уште полошо, да биде потпишан само на албански јазик, како еден од јазиците во Македонија.
Јасно е: Нема интеграции со македонска историја
Никој не е изненаден од координираноста меѓу Софија и Атина по сите овие години на таканареченото македонско прашање и блокирање на интеграциите. Парадирањето на Хан, Прибе и на странските амбасадори низ Скопје, е само за медиумска пропаганда за некакви „европските усилби“. Вистинската цена за евроатланските интеграции стигна од Атина по средбата на претседателско ниво на Бугарија и на Грција. Всушност Румен Радев, со само шест месеци стаж, замина кај поискусниот Павлопулос неколку денови откако Заев во Софија најави бришење на македонската историја и нејзино кроење во согласност со желбите на Бугарија.
Ако сакаат да влезат во ЕУ и во НАТО, балканските земји треба да ја почитуваат историјата и да развиваат добрососедство – гласи пораката од Атина. Ваквата навидум протоколарна средба, всушност, е вистинскиот „Патоказ“ за тоа каде треба да се движи Македонија, но и што тоа треба да бара Бугарија за да ѝ ја олесни работата на Грција во позициите на претстојните преговори за името.
Не случајно бугарските медиуми го цитираат Павлопулос дека Грција го поддржува влезот на земјите од регионот во ЕУ и во НАТО, но само откако ќе ги исполнат условите, а соседните земји ќе го „почитуваат меѓународното право и европските достигнувања“. За Радев пак „добрососедските односи и меѓусебното почитување на историјата треба да бидат задолжителен услов за почнување преговори за членство“.
Посетата е од стратешки карактер кога станува збор за односите Бугарија – Грција – Македонија. Во ситуација во која Бугарија, во согласност со своите антимакедонски ставови инсистира не на споделена туку на „иста“ историја со Македонија, а притоа македонскиот јазик го смета за бугарски дијалект, одигрува многу важна улога за Грција во однос на македонските идентитетски одредници во спорот за името. Со тоа што Заев со договорот за добрососедство веќе најави отстапки за историјата и јазикот, како основа на идентитетот, тогаш на Атина ѝ останува само да потврдува дека во спорот се преговара за името, а не за идентитетот, инсистирајќи секако на име за севкупна употреба.
Фрагментите од мозаикот зошто се одигруваше сиот политичко-шпионски трилер во Македонија последните неколку години полека добива форма. Прагматичарите од меѓународната заедница го разбраа заземениот единствен став во Грција и во Бугарија во однос на македонското прашање. Требаа само да ја вклопат позицијата на Албанците за да го затворат македонското прашање од крајот на 19 век.
Прашање е дали сега Македонците во ова кусо време ќе успеат да ги надминат последиците од деценискиот неуспех заради недостаток на политичка зрелост да се изгради единствен став за македонските национални интереси.Десетина дена по влетувањето на Зоран Заев во Софија без никаква претходна подготвеност, а во еуфоријата од пофалбите од Брисел дека тој е црпнат з

Пронајдете не на следниве мрежи: