Меѓународна научна конференција по повод 70 години од Институтот за класични студии

Оваа година Инстититут за класични студии при Философскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје прославува јубилеј 70 години од своето основање. По тој повод на 22-ри и 23-ри ноември во просториите на Философскиот факултет ќе се одржи меѓународна научна конференција „STUDIA CLASSICA ANNIVERSARIA ‒ 70 ГОДИНИ ОД ИНСТИТУТ ЗА КЛАСИЧНИ СТУДИИ“. На конференцијата ќе земат учество преку 40 гости од Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Швајцарија, Холандија, Словачка, Полска кои ќе презентираат различни теми од сите области на класичната филологија (книжевност, лингвистика, философија, историја, епиграфика, археологија). 
Конференцијата ќе биде придружена со изложба на книги поставена во аулата на Философскиот факултет.
Институтот за класични студии е една од првите наставно-научни единици на факултетот, кој ја започнал својата дејност во 1946 г. како Семинар за класична филологија. Основач на Семинарот, а воедно и прв декан на Философскиот факултет во периодот 1946-49 г. е професорот Михаил Д. Петрушевски. Во 1950 г. тој е еден од иницијаторите (заедно со Милан Будимир) за издавањето на научното списание од областа на класичните студии „Жива Антика“ и негов прв главен и одговорен уредник. Ова списание кое континуирано се издава до денес се стекна со висок рејтинг во научниот свет, така што денес во него свои трудови објавуваат многу видни научници од повеќе земји од светот. Во 1956 г. Семинарот прераснува во Катедра за класична филологија, од 1977 г. со новиот Закон за високо образование, Катедрата за класична филологија е преименувана во Наставно-научна група за класични студии, а од 1988 г. во Институт за класични студии, назив што го носи и денес. Низ годините кадарот на Институтот за класични студии постојано се зголемува и се унапредува. Тројца членови на Институтот, проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, проф. д-р Петар Хр. Илиевски и проф. д-р Витомир Митевски се избрани за редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите. За својот придонес на полето на науката некои членови на овој Институт се почестени со највисоки општествени признанија.
Почнувајќи од 1958 г. наваму воспоставени се поинтензивни контакти на меѓународно ниво, така што наставници од Катедрата постојано учествуваат на меѓународни собири во европските земји и во САД, а странски професори со свои излагања гостуваат пред студентите на класични студии.
На Институтот за класични студии се одвиваат студии од прв, втор и трет циклус на студии, а наставниците од овој институт изведуваат настава и на други институти.
Институтот за класични студии во соработка со „Друштвото за антички студии на Македонија“ и Здружението „Антика“ учествувал во организацијата на повеќе научни собири. Од 2005 до 2008 година Институтот за класични студии заедно со Здружението „Антика“ и Универзитетот во Нојшател-Швајцарија го реализираше  проектот „Развој и имплементација на мастер студии по дидактика на класичните јазици“, финансиран од Швајцарската национална фондација за наука, во рамки на програмата SCOPES.
Наставниците и соработниците на Институтот за класични студии имаат објавено голем број научни и стручни студии како прилози во научни списанија, книги, средношколски и универзитетски учебници, преводи на македонски јазик на капитални дела од античката литература (Хомер, Хесиод, Платон, Аристотел, Кикерон, Хоратиј, Ајсхил, Софокле, Еврипид, Демостен, Овидиј, Вергилиј, Античка лирика, Витрувиј и други).
Институтот за класични студии интензивно соработува со Здружението на класични филолози „Антика“ и со Бирото за развој на образованието, изготвува наставни програми по предметите латински и старогрчки јазик за средното образование, со децении е кооорганизатор на Републичкиот натпревар по класичните јазици и врши советодавна дејност во врска со наставата по класичните јазици.
Повеќе информации за историјата и работата на Институтот за класични студии можете да најдете на веб страницата на Философскиот факултет https://www.fzf.ukim.edu.mk, каде што е објавена и програмата за конференцијата.
 
  
Конференцијата ќе биде придружена со изложба на книги поставена во аулата на Философскиот факултет.
Инст

Пронајдете не на следниве мрежи: