Нешто што треба отворено да се каже

Ако не се зголеми наталитетот и не се променат демографските трендови, оваа држава и народ се соочуваат со исчезнување. Барем во онаа форма какви што ги познаваме. Тоа треба отворено да се каже, без да се користат фрази за ублажување на реалноста и бројките. Не, полошо е.Ние НЕ се соочуваме со демографска криза или со пад на наталитетот. Тоа е вест што е стара барем 30 години. Падот на наталитетот беше актуелен во 1970 или 1980. Сега веќе можеме да зборуваме за демографски амбис, односно демографски распад.
Kако поинаку да се опише падот во бројот на родените во некои општини од 60, 70 или 90 проценти? Да, добро прочитавте. Падот во некои општини е 60, 70 или 90 проценти. На пример, општина Македонски Брод во 1962 година имаше 516 родени бебиња, а во 2013 година само 41 родено бебе. Тоа е пад од 92 отсто. Рецесија од 92 отсто. Македонски Брод има голема површина, огромна територија која се празни. Од население.
Една споредба: Во 1962 година општината Македонски Брод имала дури 516 родени бебиња. Денес општина Охрид има 56.000 жители, а во 2013 година само 535 родени деца. Значи, малиот Македонски Брод со 51 село во 1962 година, со сите економски, социјални и други услови имал исто родени деца како Охрид во 2013 година. И потоа се чудиме зошто денес нема деца во паралелките?!
Општина Берово во 1962 година имала 429 родени деца, а 2013 година има одвај 105 родени. Тоа е 4 пати помалку. Замислете, во таа 1962 година општина Берово имала одвај 7.000 жители, а бројот на родени бил 429 (четиристотини дваесет и девет). Денес Берово има 13.000 жители, а одвај 105 родени бебиња. Двојно повеќе жители, а 4 пати помалку родени бебиња.
Уште една паралела: Штип во 2013 година има 48.000 жители, а само 494 родени деца. Значи, малото Берово во 1962 година со одвај 7.000 жители имало 429 родени, а големиот Штип со 48.000 жители во 2013 година има 494 родени. Тоа е причината што нема доволно деца во паралелките и во училиштата. Штип денес е 7 пати поголем од Берово во 1962 година, односно има 700 отсто повеќе жители. Но, и покрај тоа, и покрај 700 отсто повеќе жители, бројот на родени е приближно ист. Некој веднаш ќе ги спомне условите и економските состојби.
Но, дали животот бил полесен во Берово и околните села во 1962 или во Штип 2013 година? Kога имало повеќе автомобили? Пред 52 години или денес? Kога имало повеќе фрижидери, машини за перење алишта, телефони? Имало градинка во Берово во 1962? Kаква била патната и електромрежата во 1962 година во Будинарци, Митрашинци, Русиново, Владимирово, Двориште, Мачево, Смојмирово, Ратево? Иако и денес има тешкотии и проблеми, економските аргументи и условите за живеење се апсолутно на страната на Штип во 2013 година, па повторно денес има многу, многу помалку деца. А што има повеќе? Има повеќе конформизам, изговори, наоѓање оправдувања. Не, не треба било кој да се осуди или на било кој да му се приговори. Сѐ лична одлука, сѐ право на избор. Се работи за лична одлука на поединецот. Но, се гледа дека станува збор за државен проблем. Дали се работи само за помалите места? Не, туку демографското цунами веќе ги пустоши и големите градови.
На пример, општина Битола во 1962 година имала 2.291 родени бебиња, а во 2013 година само 844 родени. Тоа е драматичен пад од цели 63 отсто во вториот по големина македонски град. Исчезнувањето веќе не е само во селата и помалите градови, туку и во најголемите градови. Доволно е да се погледнат основните училишта во Скопје и да се дојде до истиот заклучок. Во многу основни училишта има преполовување во бројот на учениците кога ќе се споредат со 1985 година. Таков е случајот со ОУ „Ѓорѓија Пулески“ (екс Едвард Kардељ) и ОУ „Љубен Лапе“ (екс ВС – Бато) во Аеродром. Истото се случува во ОУ „Гоце Делчев“ или ОУ „Св. Kирил и Методиј“ во Центар. Тоа се трендовите во општина Kарпош – ОУ „Јан Амос Kоменски“, ОУ „Петар Поп Арсов“ и многу други училишта во главниот град. Струмица, исто така, има огромен пад. Во 1962 година имала 1.872 родени деца, а во 2013 година само 685 бебиња.
Демографската рецесија изнесува цели 63 проценти. Трендовите навестуваат понатамошни падови. Прилеп во 1962 година имал дури 2.286 родени деца, а минатата година одвај 737 деца. За дури 3 пати е помал бројот на родени деца, односно намалувањето е за дури 68 проценти. Истите тенденции се гледаат во општините Kочани, Велес, Виница, Свети Николе, Kавадарци, Неготино, Гевгелија, Демир Хисар, Демир Kапија, Kрушево, Kрива Паланка… Бројките се уште полоши ако се погледнат помалите општини како Чешиново Облешево, Зрновци, Ранковце, Јегуновце, Дебарца, Могила, Новаци, Ново Село, Босилово, Лозово, Вевчани, Росоман, Дојран, Kонче и многу, многу други општини. Доволно е да се погледна фактот дека вкупниот број ученици во основно образование во 1994 година изнесува 260.197 ученици со 12.619 наставници, а во оваа година зборуваме за околу 190.000 ученици со 17.193 наставници. Значи, 70.000 ученици помалку, а дури 4.000 наставници повеќе. Бројката на ученици ќе продолжи да паѓа. Помал наталитет значи и помалку деца во училиштата.
Прво паѓа бројот на основците, па потоа средношколците и потоа високото образование. По некое време тоа значи помалку потрошувачи, помалку муштерии, послаба економија. Нема луѓе што ќе ги трошат производите. Растат трошоците за пензии поради стареењето на населението, а нема доволно млади. Ова не е криза, ниту пад на наталитетот. Ова е нешто многу поголемо, пострашно, позагрижувачко.
Ова се индикатори за исчезнување. Бројки кои значат држава без народ, територија без население. Демографијата е прашање на опстанок за многу општини. Затоа, ова треба да се третира како важно прашање за иднината на државата. Луѓето се главниот ресурс на секоја држава. Ниту една држава не може да има сигурна иднина, доколку населението рапидно се намалува. Семејните вредности се темелот на секоја цивилизација, а децата се најголемата вредност и најголемиот идеал.
Влатко Ѓорчев за ДНЕВНИКНие НЕ се соочуваме со демографска криза или со пад на наталитетот. Тоа е вест што е стара барем 30 години. Падот на наталитетот беше актуелен во 1

Пронајдете не на следниве мрежи: