Едвај излеговме од Скопје, блокадата на автобуските превозници нанесува огромна штета на граѓаните

„Блокадата на автобуските превозници во Скопје нанесува огромна штета на граѓаните. Секој по половина час најмалку во денот вози повеќе, троши гориво, се губат работни часови, се губат бизниси што е огромна штета за граѓаните“, изјави денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, одговарајќи на новинарско прашање во Струмица.

Пенов рече дека не може да каже кои мерки ќе се преземат, но, вели, состојбата се следела.

„Непријатна е, големи штети трпат граѓаните заради, па можам да речам, некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Ние доаѓајќи накај Струмица едвај излеговме од Скопје, непотребно. Тој протест треба да биде насочен кон тие што го креираат или тие што мислат дека го креираат. А вака, штетата ја плаќаат граѓаните“, рече Пенов.

Министерот, вчера во гостување на „Сител“, изјави дека Владата има инструмент за да го реши проблемот, а тоа е, како што рече, насилно да се тргнат автобусите од улиците. Сепак, Пенов посочи дека прво треба да се исцрпат сите други можности за решение, што, според него, сѐ уште не е направено.

Директорот на „Слобода превоз“ – Ленин Јовановски, денеска ја коментираше изјавата на Пенов, оценувајќи ја како загрижувачка. Тој потенцираше дека протестите се законски најавени и ги повика Пенов и Владата, ако мислат дека нешто е погрешно и можат да направат нешто околу тоа, тоа и да го направат.

„Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор од државава“, рече Јовановски.

Пронајдете не на следниве мрежи: