Зошто младите ја напуштаат Македонија?

На младите во Македонија во просек им се потребни две и пол години за да најдат работа по струка. Истражувањата на Мрежата за спречување на одлив на мозоци покажуваат дека токму тоа е најчестата причина поради што младите одлучуваат да ја напуштат земјава. Меѓу најважните причини ги навеле и условите за подобар живот, но и фрустрациите од политичката состојба во земјава.
Граѓанските организации алармираат дека државата мора да најде начин да го стопира или барем да го намали одливот на мозоци.

“Кај нас се створи сликата дека младите си одат само поради финансиите, меѓутоа ако погледнеме, не се само финансиите во прашање бидејќи се ова што се случува околу нас, политичката ситуација, нестабилноста, нив ги фрустрира и заради тоа тоа е втората причина заради која си одат тие”, вели Иван Јованов, координатор на Мрежата за спречување на одлив на мозоци.
Граѓанските организации бараат итно да се спроведе попис, а институциите да водат порелевантна евиденција за миграцијата на населението, бидејќи податоците од државната статистика драстично се разликуваат од тие на Светската банка. Според Заводот за статистика за период од 15 години Македонија ја напуштиле нешто над 11.000 граѓани, додека Светска Банка тврди дека се иселиле меѓу 400.000 и 600.000 лица.
“Ова прашање има длабоки последици за нашата земја бидејќи, според исжтражувањата, државата на годишно ниво губи 15.846 евра од еден отселен човек, или тоа на годишно ниво би било околу 300 милиони евра од БДП”, вели Јованов.Според истражувањето, 75% од младите сметаат дека е добро да знаат германски јазик. А, последните податоци на меѓународните институции покажуваат дека дури две третини од иселените Македонците живеат во Германија.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.