ПОПИСОТ Е НЕОПХОДЕН И Е ПАТРИОТСКИ ЧИН, КОЈА Е ЦЕЛТА НА МИЦКОСКИ СО БОЈКОТОТ – ДА ИМА ПОМАЛКУ МАКЕДОНЦИ?

„Пописот е потребен за развој на државата. Пописот е неопходен и пописот е патриотски чин“, изјави за медиумите Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка и претседателка на Форум на Жени на СДСМ, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повика власта да го повлече предлог-законот за попис, а во спротивно најави дека ќе собере потписи за негово поништување и во крајна смисла нема да ги признае резултатите.

СДСМ и парламентарното мнозинство нема да прифатат никакви уцени од страна на „деструктивецот кој зад себе има 6 изборни порази“, порача Ванчева.

„Нема да го повлечеме Законот од Собраниска процедура, ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. Оваа земја цели 18 години нема спроведено попис и никој нема право да го кочи или одолговлекува. Зошто на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им пречи пописот е целосно нејасно. Зарем не сакаат да се знае колку наши сограѓани живеат во земјава а колку во странство?

Србија и Романија го одложија пописот но само за неколку месеци и ќе го спроведат оваа година. Паралелите со други држави кои ги одложиле пописот, не држат вода. Ниту една од овие земји кои ги споменува Мицкоски не биле доведени во ситуација да немаат 18 години попис. А попис немаме затоа што во 2011 година тој пропадна поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ“, додаде пратеничката.

Таа уверува дека пописот во 2021 ќе биде спроведен согласно прописите на ЕВРОСТАТ, по сите меѓународни стандарди по кои се спроведува една важна статистичка операција.

„Сега имаме Електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис, и податоците ќе бидат компарирани со податоците на други 10 институции. Значи не е можно да се попишат лица кои не постојат. Исто како што не е точно дека ќе се попишуваат граѓаните само со матичен број.

Очигледно е дека Мицкоски не знае која е реалната состојба во државата. Која е целта на Мицкоски со Повикот да се бојкотира пописот? Да има помалку Македонци?

Методологијата исто така не е изговор. Не може без донесен Закон да има методологија.

Пописот не е политичка туку статистичка операција и Мицкоски треба да бара други причини за да ја задржи својата позиција во ВМРО-ДПМНЕ, а не со блокади.

Без разлика колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, попис оваа година ќе има. Тоа е важно за државата, важно за економијата, за целокупното наше општество, за развојот на нашата држава и креирање издржани долгорочни политики и стратегии“, порачаа од СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.