Распишан конкурс за доделување на наградите „Константин Философ“ за 2024


Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) распишува конкурс за доделување на наградите „Константин Философ“ за 2024 година. Наградите се востановија минатата година и се доделуваат во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач.

– Наградите се доделуваат со цел оддавање признание за постигнувања и значаен придонес за развојот на филозофијата во нашата земја, соопшти ФДМ.

Крајниот рок за доставување на предлозите е 1 октомври 2024 година (за наградата за животно дело и за млад филозофски истражувач), односно 15 јануари 2025 год. (за наградата за филозофска книга на годината).

Наградата за животно дело се доделува за вкупниот опус на филозоф во филозофското творештво, филозофското образование, како и за афирмацијата на филозофијата во земјата и во странство.

Наградата за филозофска книга на годината се доделува за оригинален и значаен труд од областа на филозофијата. Наградата се доделува за книга, објавена во текот на календарската 2024 година.

Наградата за млад филозофски истражувач се доделува за истакнат творечки придонес на филозоф до триесет и петгодишна возраст.

Кандидати за наградите „Константин Философ“ потребно е да бидат државјани на Северна Македонија. Предлози за доделување на наградите може да поднесе секој полнолетен граѓанин на нашата земја, групи или здруженија на граѓани, или институции што се занимаваат со образовна, научна и истражувачка дејност. Предлогот за кандидатот треба да содржи образложена пријава и релевантна био-библиографија (освен за наградата за филозофска книга на годината).

Предлозите се сметаат за валидни доколку во предвидените рокови стигнат на адресата на Филозофското друштво на Македонија, бул. „Гоце Делчев“ 9А, 1000 Скопје (Филозофски факултет) или на официјалната електронска адреса: [email protected]. (За предлозите испратени по пошта краен рок е датумот и часот на поштенскиот печат во подолу назначениот рок за предавање.)

За наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината (за 2024 година) потребно е да се испрати еден примерок од делото на горенаведената адреса, и/или финална пдф. верзија од делото на посочената електронска адреса.

Одлуките за добитниците на наградите ги донесува тричлена стручна Комисија назначена од страна на ФДМ. На добитниците на наградите ќе им бидат доделени соодветни дипломи.

Одлуките за добитниците на наградите се објавуваат во средствата за јавно информирање и социјалните канали на ФДМ, десет дена пред свечените доделувања, односно 11 ноември 2024 год. (за наградата за животно дело и за млад филозофски истражувач) и 1 март 2025 год. (за наградата за филозофска книга на годината).

Свеченото доделувањето на наградите ќе се изврши на 21 ноември 2024 год., на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата (за наградата за животно дело и за млад филозофски истражувач) и на 10 март 2025 год., Денот на Филозофското друштво на Македонија (за наградата за филозофска книга на годината).

Пронајдете не на следниве мрежи: