За денес ви претставуваме една совршена идеја за вечера, на која ретко кој може да одолее. Се приготвува многу лесно и тоа со производи, кои ги има во секој дом. Станува збор за солено суфле кое е идеално за консумирање во било кое време, благодарение на неговата фина и лесна текстура.
Потребни состојки: 100 мл кисело млеко, 2 јајца, 180 гр кашкавал, 100 гр сирење или урда, 1 кафена лажица сода бикарбона, 2 супени лажици нишесте или брашно, 1 супена лажица сончогледово масло
Начин на подготовка: Вклучете ја рерната да се загрее до 180°C. Во длабок сад измешајте го сирењето, киселото млеко и јајцата. Добро измешајте ги состојките.
Потоа додадете го нишестето и содата и повторно добро измешајте. Изрендајте го кашкавалот, измешајте го со сирењето и поставете ја смесата во керамички садови, претходно премачкани со масло. Суфлето може да го приготвите и во еден поголем сад, но тогаш ќе ви биде потребно повеќе време за печење.
Поставете ја смесата во претходно загреана рерна, на 20-25 минути. Појавата на златна кора на површината означува дека специјалитетот е готов.
Пријатен апетит!