Речиси една третина од децата од 6 до 9 години имаат проблем со дебелина, лошо се хранат и не спортуваат

„Приближно 40 отсто од децата од 6 до 9 годишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно, вкупно 48 отсто од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата, а повеќе од половина (63 отсто) активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед“, велат од ИЈЗ

Околу 30 отсто од децата од 6 до 9 годишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, а 13,8 отсто од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата отколку кај девојчињата. Поголем дел дел од децата кои имаат зголемена телесна тежина или дебелина живеат во урбани средини.

Денеска по повод Светскиот ден на дебелината ова го соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од каде велат дека заедно со Центрите за јавно здравје повеќе од 10 години ја спроведуваат „Иницијативата за следење на дебелината кај децата“ на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот ЦОСИ, имплементирана во 45 држави од европскиот регион.

Од ИЈЗ велат дека токму исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон развој на зголемена телесна тежина кај децата, како и социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата.

„32 отсто од децата од 6 до 9 годишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 отсто и повеќепати секој ден. Само 24 отсто од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21 отсто консумираат свеж зеленчук“,

велат од Институтот.

Според анализите на ИЈЗ, физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди, како клучни детерминанти на дебелина:

„Приближно 40 отсто од децата од 6 до 9 годишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно, вкупно 48 отсто од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата, а повеќе од половина (63 отсто) активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед“,

соопштија од ИЈЗ.

Докторите велат дека дебелината е сложено хронично заболување, но потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување.

„Борбата со дебелината нема да ја добиеме преку решенија само во здравствениот сектор. Носителите на одлуки во различни сектори треба овој јавноздравствен предизвик да го стават високо во своите приоритети и да овозможат услови во кои дебелината нема да го оптоварува здравјето уште од детска возраст“,

посочува проф. д-р Игор Спироски, главен истражувач на ЦОСИ.

Од ИЈЗ велат и дека 28,4 отсто од возрасните во земјава живеат со дебелина.

Споредено со 1990 година, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто.

Здравствените власти најавуваат отворање на Центар за дебелина и на Детската клиника во Скопје, откако претходно беа отворени два вакви центри во ГОБ „Осми септември“ и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Најновата студија објавена во „Де Лансет“ покажува дека, во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина.

Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите, од 5 до 19 години.

Пронајдете не на следниве мрежи: