Ангелов: Имам многу вработени, а малку работници

Расцепкан и децентрализиран систем ги пројавува најголемите слабости во овој момент, неопходно е да се координираат силите за спасување и соодветно да се распоредат или искористат во моментите кога и каде е најпотребно, дециден е директорот на ЦУК Стојанче Ангелов зборувајќи во најновото издание на Стадион на Канал 77 за можните и неопходни промени и реформи во системот.

Бројот на пожарникари во општините ни од далеку не е доволен за шумските пожари и пожарите на отворено. Одговор на овие проблеми може да даде формирањето на една мултифункционална повеќенаменска единица за заштита и спасување, која би дејствувала онаму каде тоа е неопходно. Кога би имало ваква една републичка единица, за почеток со 120 луѓе и стационирана на едно место, таа би помагала секаде каде што тоа е неопходно. Професионална единица, со млади луѓе и добро обучени и најпрво добро селектирани, нагласува Ангелов.

Истакнува дека особено значајно е и да се врши соодветна селекција на пожарникарите, затоа што како што вели постојат општини каде се ангажираат повозрасни лица кои или имаат несоодветна обука или немаат никаква.

За жал, во некои противпожарни единици селекцијата не е на завидно ниво, се примаат повозрасни луѓе кои немаат никаква или имаат несоодветна обука. Мојот став е дека луѓето треба да стануваат пожарникари релативно млади, докај 25-26 години, вели Ангелов.

Додава дека Македонија како држава неопходно е во наредниот период да работи и на развој на доброволното пожарникарство, затоа што според него државата нема економски интерес да плаќа илјадници пожарникари кои имаат работа само во текот на летото.

Не треба да спојуваме две недоволно функционални институции, а овде мислам и на ЦУК, работам со многу вработени, а малку работници. Факт е дека бројката на вработени отскокнува од оние кои ефективно работат.

Мојата визија е да се формира една нова институција која ќе ги менаџира кризите, но и итните ситуации. Имаме многу повеќе итни ситуации за менаџирање во годината отколку кризи. Таа нова институција треба да ги обедини функциите на двете постоечки, она што сега го работи ЦУК и она што сега го работи ДЗС. Во овј момент имаме луѓе кои се клати врата земај плата во двете институции и тоа за жал ги има многу такви. На тој начин ќе добиеме една функционална институција, нагласува Ангелов.

Ние сме мајстори за проекти, има сто проекти не еден, нема кој не направи скенирање на системот за управување со кризи. Имаме се само немаме работници, оние кои што ќе излезат во шума да гаснат, оние кои ќе спасуваат човечки животи, додава Ангелов.

Пронајдете не на следниве мрежи: