Брајовиќ, чиј курир е таткото на Силјановска, наредил да се стрела невино население

Гордана Силјановска Давкова, кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ објави слика од таткото кој бил борец во НОБ и дел од македонско-косовската ударна бригада.

Како што објаснува професорката тој учествувал и во Февруарскиот поход, а има заслуга и за ослободувањето на Кичево. Силјановска-Давкова вели дека тој се борел за Македонска држава и таа нема да отстапи од неговиот пат. Ова е Александар Силјановски (лево). Мојот татко. Тој е инспирацијата за мојата кандидатура. Александар во НОБ отишол на 19 години. Бил борец во Македонско-косовската ударна бригада, курир на Петар Брајовиќ, учесник во Февруарскиот поход и делегат на Младинскиот конгрес во Фуштани, Егејска Македонија. На сликата носи три ордени. Едниот за ослободување на Кичево (прво ослободен град во Македонија) и два за битки во Февруарски поход. Александар се бореше за Македонска држава! Јас не отстапувам од неговиот пат!, напиша Силјановска.

Во извадок од книгата  на Илија Андонов Ченто, син на Методија Андонов Ченто наоѓаме податоци за тоа кој бил Петар Брајовиќ.

Раскажувања на Методија Андонов Ченто како се спротивставувал против стрелање без судење.

“Зимата беше многу студена, а на Ниџе имаше многу снег. Кога дојдовме во Мариово, беше околу Божиќ, и кога влеговме во Витолиште, се закачивме со Петар Брајовиќ. Само што влегов во селото, видов како партизаните носат тројца врзани луѓе. Кога дојдоа пред мене паднаа на коленици и почнаа да молат за милост, односно да не бидат стрелани. Беа прилепчани, едниот беше од Макаловци, а другите не ги знаев. Биле писари во општината Бугари.

Молејќи ме, ми кажаа дека дека веќе некои други од општината и некои полицајци биле стрелани од претходницата на бригадата. Тогаш прашав:

– Кој наредил да се стрелаат, без судење?

– Јас наредив – рече Петар Брајовиќ кој се најде во близината – Се што е непријателско и што работи со непријателот треба да биде уништено.

– А зошто? – го прашав

– Затоа што ова е револуција, – ми одговори, па ме праша, – Зарем ти Ченто не знаеш што е револуција?

– Знам што е револуција, ама не знам што мислиш ти, што е револуција.

– Па, ако сакаш да знаеш, револуција е да се убива, да се убива и само да се убива, – Ми одговори Брајовиќ.

На тоа јас му одговорив:

– Е, ако сакаш сега ти да знаеш што е револуција по мое да ти кажам оти револуција е еднаш за секогаш да престани убивањето. Затоа барам овие луѓе веднаш да се ослободени, пуштени безбедно да си појдат во Прилеп и да му кажат на народот дека македонските партизани не се разбојници, туку војска која што се бори за слободата на својот народ. Војска, која сака да престани убивањето.

Кој е овде командант? Јас или ти?, ме праша оштро.

– Овде јас сум командант. Ова е Мариово, а од другата страна на онаа, Селечка Планина, е мојот град Прилеп. Не сакам таму, да се пренеси вест оти партизаните на чело со Ченто убиваат невини луѓе, само затоа, што за парче леб, работеле како писари во некоја општина. Ние чекаме оттаму да ни се придружат нови борци. А кога ќе слушнат оти убиваме невини луѓе, мнозина ќе се замислат дали да ни се придружат.  

– Нека биде така како што велиш. Но за ова ќе расправа партијата, – ми се закануваше Брајовиќ.

Мене не ме интересираше дали ќе се расправа и што ќе расправа партијата затоа што јас НЕ БЕВ НЕЈЗИН ЧЛЕН. И не знам дали расправала, оти никој после тоа не ми рече ни збор.“

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.