ВИДЕО: Кошта ја прочита Словенија, Португалија по пенали во четвртфинале

Репрезентацијата на Португалија по голема драма и спартанска борба успеа да ја совлада Словенија во пенал-рулетот и се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство. Херој на „европските Бразилци“ беше голманот Диого Коста, кој одбрани три удари од белата точка. Натпреварот после 120 минути игра заврши со резултат 0-0.

Мечот започна во очекуван стил од Португалците, кои тргнаа во силовит налет и се обидоа рано да ги скршат Словенците, но играчите на Матјаж Кек делуваа солидно во одбраната и ги одбиваа почетните налети. Рафаел Леао беше во добар ритам и се обидуваше да ги разигра соиграчите, но без конкретни шанси и сериозни закани по голот на Јан Облак.
Словенија се ослободи од притисокот по 25 минути игра и се префрлаше на противничката половина со повремени контра-напади, но исто така не успеваше да создаде сериозна шанса. Португалија ја држеше многу повеќе топката кај себе, Роналдо се обиде од два слободни удари, додека Словенија конкретно ги блокираше сите удари и продори низ средината. На паузата остана почетниот резултат, 0-0.

 

Вторите 45 минути не донесоа преголема разлика во однос на првото полувреме. Избраниците на Роберто Мартинез долго кружеа околу голот, имаа постојана иницијатива која никако не вродуваше со плод. „Змајчеки“ имаа огромна шанса преку Бенџамин Шешко, кој го претрча ветеранот Пепе како „мало дете“, но упати очаен удар и не успеа сериозно да го тестира голманот Диого Коста.

Последните десетина минути прикажаа мало опаѓање на темпото. Португалските навивачи имаа помалку загрижен израз на лицето, а времето работеше во корист на Словенија, која прикажа строга дисциплина во дефанзива и одлично ги изработуваше задачите од селекторот.

Завршниот период не донесе големи возбудувања за публиката, по што стана јасно дека мечот ќе замине во продолженија од двапати по петнаесет минути. Дополнителното време донесе малку поголема динамика, но повторно Словенија беше концизна во одбраната. На самиот крај од првото продолжение, Диого Жота продре во шеснаесетникот, а судијата Орсато досуди во најмала рака контроверзен пенал. Словенците протестираа, но залудно. Кристијано Роналдо се намести на белата точка, но феноменалниот Јан Облак го скроти силниот удар.

Следуваше катастрофална грешка на Пепе, а Бенџамин Шешко пропушти колосална шанса и излезе сам пред Коста, но чуварот на мрежата го одбрани ударот, на разочарување на сите словенечки навивачи. Последните пет минути од продолжението донесоа голема драма и незивесност, но сепак мечот заврши со конечни 0-0 и замина во пенал-рулетот.

Словенија промаши во првите две серии, а трагичари беа Иличиќ и Балковец. Роналдо и Бруно Фернандеш реализираа, по што веќе стана јасно дека Португалија ќе ја добие драмата. На крајот пенал серијата беше комплетирана со конечни 3-0 и момчињата на Роберто Мартинез закажаа мега-дуел против Франција во четвртфиналето.

Пронајдете не на следниве мрежи: