Гаши тврди: Употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот

Новиот претседател на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши кој ја доби довербата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ тврди дека употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот.

-Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Спикерот Гаши се залага сите собраниски процедури, согласно правата и обврските кои произлегуваат од законите, да го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество, вели Африм Гаши.

Професорката по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тања Каракамишева, потврди дека новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, го прекрши Законот со давањето на свечената изјава на албански, а потоа на македонски јазик.

– Согласно Уставот на Македонија македонскиот јазик е службен јазик во државата.

Во органите на државната власт друг јазик што е различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон.

Во законот за употреба на македонскиот јазик, па дури и во контроверзниот Закон за употреба на јазиците, во член 3 стои дека избрани или именувани функционери на државните институции како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.

Значи и Уставот и законите го утврдуваат приоритетот на македонскиот јазик и неговата употреба при службената комуникација од страна на функционерите во земјата, а дури потоа може да се употребува и друг јазик различен од македонскиот.

Оттука, сите функционери мора да се придржуваат до словото на Уставот и на законите и истите да не ги интерпретираат согласно нивната лична волја.

Новоизбраниот претседател на Собранието, г-динот Гаши мораше свечената изјава прво да ја прочита на македонски јазик, а потоа и на друг јазик различен од македонскиот, а не обратно како што тоа вчера беше направено. – напиша Каракамишева на Фејсбук.

Пронајдете не на следниве мрежи: